Тимовите за преговори стокмени, викендов средба Ковачевски – Таравари

Фото: Колаж на „Слободен печат“

Средба меѓу премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари за влез на опозициската партија во Владата се очекува викендов, откако синоќа АА требаше да го избере тимот за преговори, брифираат за „Слободен печат“ од Алијанса. Договорот за ново владино партнерство, според информациите, се очекува 90 отсто да биде усогласен веќе на првиот состанок меѓу Ковачевски и Таравари, по официјалниот почеток на преговорите.

Понудата за влез на Алијанса на „Илинденска“ се министерствата за правда и за здравство, а од договорот за рокада на ресори меѓу СДСМ и ДУИ ќе падне понудата и за третото министерство за партијата на Таравари. Според информациите, преговорите за нов владин партнер ќе ги водат лидерите на СДСМ и Алијанса, Ковачевски и Таравари, придружувани од генералните секретари Миле Зечевиќ и Кренар Лога, како и првиот вицепремиер Артан Груби во име на ДУИ и потпретседателот на Алијанса, Елми Азири.

Ова ќе значи дека Владата останува на позицијата трите владини партнери СДСМ, ДУИ и Алтернатива да отстапат по еден ресор за Алијанса да стане дел од владиното мнозинство. Откако Ковачевски и лидерот на ДУИ Али Ахмети пред два дена не успеаја да го убедат претседателот на Алтернатива Африм Гаши да го отстапи ресорот здравство, останува непознато како ќе реагираат од партијата на Африм Гаши, односно дали ќе останат во Владата.

За третото министерство што ќе треба да ѝ припадне на Алијанса, се очекува да се договорат Ковачевски и Ахмети. Според информациите, најверојатно ќе има рокада на министерства меѓу СДСМ и ДУИ, според тежината на ресорите кои ги отстапуваат за Алијанса, но и за да се зачува етничкиот баланс во Владата, што пак, Ковачевски го гарантирал на средбата со помалите владини партнери. СДСМ го отстапува ресорот правда, Алтернатива – здравство, ДУИ ќе отстапи еден ресор за Алијанса и една рокада на министерство со СДСМ. Освен трите ресори од првиот владин ешалон, условот на Алијанса за влез во Владата е и двојна застапеност во пониските ешалони од таа на Алтернатива, бидејќи имаат двојно повеќе пратеници од партијата на Гаши. Ова ќе значи дека ако Алтернатива има еден заменик-министер, Алијанса да добие два, ако има, на пример, пет директорски позиции, тие да добијат 10. Освен кадровските решенија, Ковачевски и Таравари се очекува да се усогласат и за програмските определби. Алијанса инсистира на мерки во делот на антикорупција и правната држава, да се донесе закон за ветинг на судии, обвинители, политичари.

Алтернатива останува на ставот дека мнозинството е стабилно и дека нема потреба од проширување, а доколку дојде до тоа, цената да ја платат ДУИ и СДСМ, наспроти објаснувањето на Ковачевски и Ахмети дека со влезот на Алијанса ќе има постабилно мнозинство, односно функционално Собрание што нема да кубури за кворум. Резерва и услови за зголемување на мнозинството упати и Демократскиот сојуз, кој инсистира да не се наруши правичната и соодветна застапеност во Владата. Против зголемување на мнозинството е и „огнената група“. Тие сметаат дека влезот на Алијанса во Владата не е за постабилно мнозинство, туку за спас на првиот вицепремиер Артан Груби и дефакторизација на „огнените“ пратеници.

Ако Ковачевски и Таравари си подадат рака, а Алтернатива остане во Владата, парламентарното мнозинство ќе брои 72 пратеника. Ако Алтернатива ја напушти „Илинденска“, мнозинството наместо 72 ќе брои 69, вклучително со независниот пратеник Скендер Реџепи кој ја напушти Алтернатива и „огнените“, кои засега не го доведуваат во прашање владејачкото мнозинство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот