Тим прв полуфиналист, го реши и Ѓоковиќ

twitter/ATP Tour

Доминик Тим е првиот тенисер кој обезбеди пласман во полуфиналето на завршниот Мастерс турнир во Лондон, и тоа го обезбеди на неверојатен начин, со триумфи над двајца од тројцата најдобри тенисери на денешницата. По триумфот во првото коло над Федерер, Австриецот сега му зеде мерка и на Новак Ѓоковиќ кого го совлада по голема борба и три неверојатни сета со 6:7,6:3,7:6.

Првиот сет помина во израмнета игра на двајцата тенисери, а прв кој дојде до брејк беше Ѓоковиќ и тоа во четвртиот гем, но Австриецот веќе во наредниот врати со рибрејк по што со сигурни сервиси го однесоа сетот во тајбрејкот. Во него како подобар се покажа Ѓоковиќ, три пати направи мини брејк за триумф од 7:5.

Во вториот сет, австрискиот тенисер веднаш направи брејк и предноста успеа да ја зачува се до крајот на сетот за 6:3 дуелот го однесе во третиот одлучувачки сет.

Последниот сет беше полн со пресврти од двајцата тенисери но на крајот како подобар излезе петтиот тенисер на АТП ранг листата. Сетот започна со брејк на Тим кој предноста ја чуваше до шестиот гем кога Ѓоковиќ направи брејк и се врати во мечот.

Во завршницата, поточно во 11. гем, Австриецот повторно прави брејк без загубен поен, но Ѓоковиќ веднаш возвраќа во наредниот гем по што победникот мораше да биде одлучен во тајбрејкот.

Одлучувачкиот гем започна со водство на Ѓоковиќ од 3:0 и кога сите помислија дека победникот е познат, Доминик Тим се врати во игра и со серија од 6:1 дојде до конечни 7:5 и голема победа над вториот тенисер на АТП ранг листата.

Вториот патник во полуфиналето од групата Б покрај Тим, ќе биде победникот од дуелот помеѓу Ѓоковиќ и Федерер, а мечот ќе се игра во четврток.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот