„Тиквеш”: Принудени сме да го прекинеме откупот на грозјето поради блокада од страна на поединци кои манипулирале со квалитетот на родот

Винарија Тиквеш/ Фото: МИА

Винарницата „Тиквеш” денеска беше доведена во ситуација привремено да го прекине откупот на грозјето, иако е единствената винарница во земјава која оваа година дефинираше највисока цена, ја почитуваше договорената цена за откуп на вранецот и смедеревката, факт кој јавно го потврдија и актуелниот градоначалник на Кавадарци и претставникот на здружението на лозарите, информира вечерва компанијата.

– Ваквиот прекин беше предизвикан од неколкумина поединци кои на крајно некоректен и насилнички начин го блокираа влезот на винарницата и со тоа им попречија на над 200 вистински лозари кои денеска беше планирано да го предадат своето грозје во „Тиквеш”. За да биде ситуацијата уште поапсурдна, поединците кои насилно и на највулгарен начин го блокираа влезот во винарницата и притоа нанесоа материјална штета, всушност се обиделе да манипулираат со квалитетот на грозјето кое имале намера да го предадат во „Тиквеш”, се додава во соопштението.

Според компанијта, грозјето што овие поединци сакале да го предадат за откуп било со многу понизок квалитет и воопшто не одговарало на мострите кои претходно ги презентирале, со што при стручната проценка на квалитетот е утврдено дека ова грозје немало соодветни карактеристики за да може од него да се произведе вино или дестилат, а со тоа не можело да ја постигне цената која тие ја очекувале.

– Винарската визба „Тиквеш” останува децидна во својата определба дека нема да прави никаков компромис со квалитетот на грозјето што го откупува, затоа што од тоа зависи квалитетот на вината што ги произведува кој секогаш мора да биде врвен. Инаку, „Тиквеш” е единствената македонска винарница која започна со потпишување на договорите со откуп уште на почетокот на јули, со што до официјалниот почеток на откупот беа склучени над 2100 договори со лозарите, во кои беа дефинирани условите и стандардите за квалитет кои треба да се исполнат. При тоа, „Тиквеш” оваа година нуди највисоки цени за грозјето и се обврза на најголем откуп досега, се додава во соопштението.

Од „Тиквеш” посочуваат дека како општествено одговорна компанија гарантираат дека од својата страна и понатаму ќе продолжат доследно да ги почитуваат сите преземени договорни обврски кон лозарите, но истовремено истото го очекуваат и од своите партнери.

– Упатуваме апел до сите лозари кои напорно работеле во текот на целата година да не подлегнуваат на провокации од поединци кои не се вистински лозари, туку работат во исполнување на нечија агенда. „Тиквеш” нема никогаш да прифати уцени и желби на поединци кои сакаат да манипулираат со трудот на вистинските лозари. Како една од најголемите и најтрофејните винарници во целиот регион, винарската визба „Тиквеш” и понатаму ќе работи и ќе продолжи да инсистира за воведување на светски стандарди во лозарството и винарството во Македонија, што значи и воспоставување стандарди и систем кој нема да зависи од политиката, туку исклучиво од пазарните механизми, се потенцира во соопштението на компанијата.

Реакцијата на „Тивкеш” следи откако група лозари попладнево започнаа протест пред винарицата, затоа што како пто тврдат им било кажано дека грозјето нема да им биде откупено доколку не надминува 19 малигани и за род со 19 милигани или помалку им била понудена цена од 8 денари за килограм. По ова, дел од лозарите почнале да го истураат грозјето од тракторските приколки пред влезот на винарницата.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот