„Тик Ток“ во центарот на вниманието – „Мајкрософт“ во преговори да го купи – Кина обвинува за кражба

– Притисокот на администрацијата на Трамп врз кинеската компанија „Бајт Денс” (ByteDance), матичната компанија на „ТикТок”, да го продаде својот бизнис или да ризикува укинување е еднакво на принципот „раскини и грабај”, пишува државниот весник „Чајна Дејли”.

„Мајкрософт“ и официјално потврди дека се во преговори со кинеската компанија „БајтДенс“ за купување на социјалната апликација „Тик Ток“. Од американската компанија велат дека забрзано водат преговори со намера купопродажниот договор да го склучат најдоцна до 15. септември.

На ваквите најави експресно се огласи и официјален Пекинг од каде обвинија дека станува збор за невидена кражба.

– Кина нема да ја прифати американската „кражба” на кинеската технолошка компанија за снимање кратки видеа „ТикТок”, објавија денеска кинеските државни медиуми.

Притисокот на администрацијата на Трамп врз кинеската компанија „Бајт Денс” (ByteDance), матичната компанија на „ТикТок”, да го продаде својот бизнис или да ризикува укинување е еднакво на принципот „раскини и грабај”, пишува државниот весник „Чајна Дејли”.

Иако Пекинг веројатно ќе биде „претпазлив” при наметнување еднакви ограничувања на американските компании во Кина, има „многу начини” за одмазда, пишува весникот.

ТикТок се најде во центарот на вниманието откако претседателот Трамп најави дека ќе го забрани во Соединетите Американски Држави поради сомневање во приватноста на податоците на корисниците на оваа апликација. Во разговорите со Мајкрософт, технолошката компанија уверувала дека сите приватни податоци на американските корисници на апликацијата ќе бидат префрлени и ќе останат во САД.

Засега преговорите се водат за купување на ТикТок сервисите во САД, Канада, Австралија и Нов Зеланд, што би значело дека Мајкрософт ќе биде сопственик и ќе управува со апликацијата во овие држави.

Во неделата, американскиот државен секретар, Мајк Помпео, за Фокс Њуз изјави дека претседателот Трамп најверојатно ќе донесе некоја одлука во врска со ограничување на работата на ТикТок во САД во следните денови. Според него софтверските компании од Кина податоците на корисниците ги давале директно во Комунистичката партија на Кина.

ТикТок претставува социјална мрежа на која се споделуваат кратки видео содржини, која има преку 800 милиони активни корисници. Од појавувањето апликацијата е преземена преку 1,5 милијарди пати што е седми најдобар резултат во споредба со сите апликации од 2010 година. Се проценува дека повеќе од половина од корисниците на апликацијата се од Кина.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот