Тие нам вето, ние ним добра волја

Нема надеж дека во вторник Советот на министри на ЕУ ќе ја усвои преговарачката рамка за Македонија за членство во ЕУ, оценуваат аналитичарите, а тоа го потврди и македонскиот премиер Зоран Заев кој најави дека независно од исходот, разговорите со Бугарија ќе продолжат, ама за македонскиот јазик и идентитет нема да се разговара.

Државниот врв не ја открива стратегијата за делување во следниот период, а процените се дека многу работи ќе зависат од исходот од парламентарните избори во Бугарија во март.

По силните реакции на ставовите на владиниот претставник Владо Бучковски дека Македонците се народ од 1944 година, премиерот Заев и министерот за надворешни работи Бујар Османи завчера ги амортизираа негативните одеци во јавноста, прогласувајќи го Бучковски за мотиватор во дијалогот кој ќе ги застапува државните, а не неговите лични ставови, а одлуките ќе ги носи исклучиво Владата. Премиерот Заев соопшти и дека е постигнат напредок на првиот ден од работата на Мешовитата комисија и најави дека следната година ќе се менуваат учебниците по историја.

Германија може да ја стисне Бугарија

Аналитичарот Благојче Атанасоски очекува дека Бугарија ќе ја оствари заканата за вето и дека ќе одолее на германските притисоци, во кој многумина гледаат единствена надеж да се случи „чудо“ во вторник, затоа што ако на Бугарија ѝ се дозволи да го блокира проширувањето поради историски теми, тогаш приказната за членство во ЕУ е завршена за целиот Западен Балкан. Тој смета дека Германија може силно да ја притисне Бугарија, но по тамошните избори.

– И покрај тоа што ветото е сѐ поизвесно, се прават некакви дипломатски напори за да се случи чудо во 5 до 12, но дипломатските односи, особено во сферата на вакви крупни прашања од кои зависат европерспективите, не се бајка. Бугарскиот државен врв пред неколку недели ја донесе клучната за нив, но за нас штетна одлука – вето! Вкалкулирани им се и притисоците од Германија и канцеларката Ангела Меркел, и тие ќе им одолеат барем до изборите во март. Ако по изборите партијата ВМРО-БНД и Красимир Каракачанов не бидат дел од новата бугарска влада, ќе се оди кон пожесток притисок од германските дипломатски кругови. Тие ќе ја условуваат финансиската поткрепа и иднината на Бугарија, нејзиниот влез во Шенген и еврозоната со деблокадата на Македонија – вели Атанасоски за „Слободен печат“.

Според него, Македонија нема друга геополитичка алтернатива освен членството во ЕУ.

– Мора да најдеме трајно решение кое ќе ги почитува чувствата на двете општества. И во НАТО бевме блокирани повеќе од една деценија, па влеговме. ЕУ е трасираниот патоказ, но се надевам дека нема да бидеме во едно лимбо со години, па и децении поради овој спор со Бугарија кој максимално се хистеризираше овие три месеци – вели Атанасоски.

Премиерот Заев завчера најави се прават напори за деновиве да се најде решение, но и дека разговорите со Бугарија ќе продолжат без разлика на исходот од Советот на министри на ЕУ.

– Треба да се имплементираат договорите со Грција и Бугарија. Во оваа насока, Бучковски треба да е мотиватор за реализација на договорите. Разговорите со Бугарија ги води МНР, односно Бујар Османи, а вклучен е и вицепремиерот Никола Димитров. Тука е и мојот кабинет и амбасадорот во НАТО, Дане Талески. Деновиве се прават напори за да се изнајде решение. Ние претходно го подготвивме народот дека е можно да не се усвои преговарачката рамка, а со тоа и да започнат преговорите. Нашата стратегија е дека треба да разговараме до последниот момент – рече Заев.

Тој објасни дека специјалниот претставник Бучковски ќе има мандат од една година и ќе работи на акциски план за подобрување на реализацијата на Договорот со Бугарија, што би довело до зајакнување на пријателството, а планот, освен разговори за историските прашања, опфаќа и побрза изградба на Коридорот 8 и соработка во енергетиката, образованието и здравството.

За ставот на Бучковски, се изјасни и министерот Османи.

До вчера тој беше професор и слободен граѓанин, кој може да изрази свои ставови, меѓутоа, тој со одлука на Владата е назначен како специјален претставник и инструкциите и ставовите ќе ги добие од МНР и од Владата. Тоа значи дека ќе треба да се прилагоди по однос на ставовите на државата во овој момент – рече Османи.

Ќе се менуваат учебниците по историја?

Мешовитата комисија заседаваше вчера и завчера, овој пат поради коронавирусот – онлајн. На средбата се разговара за револуционерот Гоце Делчев, евентуалното негово заедничко чествување и за македонските учебници по историја за средниот век и за раниот османлиски период.

– Комисијата за историски прашања од 14 записници имаше решено три и имаат аспирација да ги решат другите 11 записници. Работата оди во една пријателска атмосфера и за мене е сигнал дека сите се трудат да прават напредок. Владата е подготвена на некоја од следните седници да ги објави усвоените записници за петте историски личности, односно за трите историски периоди и со тоа да пратиме порака дека веднаш потоа започнуваме со имплементација на учебниците за 2021/22 година и од бугарска и од македонска страна, за сето она што е поврзано со цар Самоил, Кирил и Методиј, Климент и Наум Охридски – рече Заев.

Тој додаде дека само со почит едни кон други може да се постигнат договори што ќе градат перспективи и пријателства.

– Преговараме за работите од каде почна проблемот. Долгото и краткото име, дали Македонија има аспирации кон Бугарија или не. Утврдивме, како што го решивме во НАТО, така и во ЕУ, преку нота, во која потврдуваме дека Македонија нема територијални претензии и за мешање во внатрешните работи и малцинските права, затоа што и Бугарија нема, и тоа е меѓународно регулирано. Се разговара за стопирање на говорот на омраза и за фази и акциски планови за поуспешно имплементирање на Договорот – рече Заев.

За опозициската ВМРО-ДПМНЕ е предавство тоа што ќе се менуваат учебниците по историја.

„Заев, со тоа што прифатил промена на учебниците според бугарските барања, и откажување од народните херои, ќе одговара за велепредавство. Бугарија од Македонија бара да го почитува Договорот за добрососедство онака како што таа замислува, Македонија да се откаже од македонското малцинство кај нив и да признае заеднички корени и историја“, соопшти партијата.

Опозицијата бара расправа и најави отповикување на Владата

Опозицијата бара Собранието да расправа за разговорите со Бугарија, а владејачката СДСМ не дозволува со образложение дека опозицијата е неконструктивна и дека нема потреба да се утврдува нешто што е јасно, дека за јазикот и идентитетот не се преговара. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека им остануваат три механизми – пратеничките прашања, интерпелацијата на министрите Димитров и Османи, или гласање за доверба на целата Влада.

И од пратеничката група на Алијансата на Албанците и Алтернатива сметаат дека власта крие нешто од разговорите со Софија и затоа нема поширока дебата на ниво на Собрание. По лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и лидерот на АА, Зијадин Села, побара лидерска средба на која ќе се изгради заеднички државен став.

Во собраниската Комисија за надворешни работи ВМРО-ДПМНЕ три пати се обиде да почне расправа на оваа тема. Два пати не дојдоа пратениците од СДСМ, а третиот пат гласаа против намерата да се дискутира за тоа прашање.

– Ако власта бега од Собранието и не сака да се одѕве на нормалните, демократски покани да биде гостин и да даде отчет пред пратениците во Комисијата за надворешна политика или на пленарна седница, тогаш ќе биде принудена преку интерпелација или доверба да даде отчет. Во текот на декември може да очекуваме прашања за доверба на влада и интерпелација за поединечни министри – рече пратеникиот Антонио Милошоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот