„The Last of Us“: Научна фантастика или нешто што може да се случи во вистинскиот живот?

Серијата „The Last of Us“ / Фото: Supplied by LMK / Landmark / Profimedia

Телевизиската серија „The Last of Us“, која е адаптација на истоимената серија видеоигри, важи за апсолутен успех кој веднаш ја освои милионската публика на Ејџ-би-о. Моментално, таа има висока оценка 9.2 од 10 на веб-страницата „IMDb“, што ја сместува меѓу легендарните серии „Breaking Bad“ (9.5/10), „Chernobyl“ (9.4/10), „The Wire“ (9.3/10) и „The Sopranos“ (9.2/10).

Случувањата во серијата се во сегашно време, односно во 2023 година, дваесет години откако габична пандемија пустоши низ планетата. И додека го следиме преживувањето на главните ликови Џоел (Педро Пасквал) и Ели (Бела Ремзи) пред малите екрани, не можеме, а да не се запрашаме: „Дали ваква габична пандемија може да се случи во вистинскиот живот?“.

На почетокот од првата епизода на „The Last of Us“, прикажана е фиктивна емисија од шеесеттите години на минатиот век, во која епидемиолог зборува за тоа како би изгледала една пандемија предизвикана од габа.

„Еден ген (на габите) би можел да мутира, кој било од нив би можел да се ‘закопа’ во нашиот мозок и да ја преземе контролата не врз милиони, туку врз милијарди од нас. Ние би станале марионети со затруени умови, трајно фиксирани на една обединувачка цел – да ја шириме инфекцијата до секој последен жив човек со сите потребни средства. И нема медицинско лекување за ова, нема превентиви, нема лекови – не постојат и дури не е можно да се направат. Ние ќе изгубиме“, вели епидемиологот во серијата.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by The Last of Us (@thelastofus)

Како што пишува списанието „Есквајр“, многу е веројатно дека овој лик е заснован на познатиот ентомолог и биолог д-р Дејвид Хјуз. Тој е специјализиран за темата паразити, особено за сортата кордицепс што го предизвикува феноменот „мравка зомби“, во кој габата го презема телото на мравката за да ги шири нејзините спори.

Создавачите на видеоиграта „The Last of Us“ го виделе овој феномен во документарецот „Planet Earth“ (2006) на Дејвид Атенборо и го исконтактирале д-р Хјуз за да работи со нив во создавањето на популарната игра.

Во разговорот за „Есквајр“, д-р Хјуз одговори на прашањето дали е возможно габа да предизвика пандемија во вистинскиот живот.

„Габичната група што го предизвика ова (во серијата), кордицепс, навистина е присутна во растенијата и житото. Има една која е наречена наречена ергот. И кога луѓето јадат заразена ‘рж, тие имаат психотични епизоди. Добра историска позадина за ова е дека судењето на вештерките од Салем било предизвикано од луѓе што јаделе заразена ‘рж. Има и многу други документирани случаи. Таква е и болеста Огнот на св. Антониј, која се појавила во Европа и предизвикувала грчевито однесување кај заболените. Последниот случај бил во 1951 година во Франција, кога некој продавал заразен леб со габата. Целиот град паднал во хистерија, а 14-годишно девојче се обидело да ја убие мајка ѝ со нож. Исто така, ЛСД и кетамин потекнуваат од оваа група габи. Така што, идејата дека габата може да предизвика грчевито, одвратно однесување е точна и идејата дека може да изедете патоген кој ќе ве зарази е, исто така, точна“, вели биологот.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by The Last of Us (@thelastofus)


Исто така, д-р Хјуз дал одговор и на прашањето: „Колку бргу се движат габите?“

„Тие се движат многу бавно, но габите се многу послични на луѓето, отколку на растенијата. Па, тоа што ја убива габата, нѐ убива и нас. Прилично е лесно да се убие една бактерија бидејќи тие се многу поразлични и хемикалиите што ги убиваат нив, нема да нѐ убијат нас. Тоа е слично на обидот да се убие ракот во нашето тело – хемотерапијата може да нѐ убие. Во тоа е проблемот“, објаснил тој.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by The Last of Us (@thelastofus)

Тој вели дека за да се заштитиме, ние мора да ги слушаме техничките експерти.

„Па, како што вели мојата маица: ‘Секој филм со катастрофа започнува со тоа што некој игнорира научник’. Треба да ги слушаме техничките експерти. Ние можеме да ги запреме овие работи, но потоа ги прекршуваме правилата. Тоа е проблемот со човечките општества – ние постапуваме себично, наместо колективно. Мравките се навистина добри во контролирањето на кордицепсите затоа што имаат колективен имунолошки систем. Тие дури и ги оградуваат заразените браќа и сестри, кои, пак, не се бунат бидејќи нивните гени се во оние што ќе преживеат. Но, луѓето не се најсреќни кога се ‘заѕидани’“, вели д-р Хјуз.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот