Тежок предизвик за Макрон: Ќе успее ли претседателот да дојде до мнозинство во Парламентот?

Емануел Макрон / Фото: ЕПА
Емануел Макрон / Фото: ЕПА

Францускиот претседател Емануел Макрон се соочува со тешка борба за освојување на апсолутното мнозинство во парламентот што ќе му овозможи да владее со „одврзани раце“, по тесните резултати во трката со новиот левичарски сојуз на изборите во првиот круг.

Првичните проценки на Елабе го ставаат сојузот НУПЕС на тврдолевиот ветеран Жан-Лук Меланшон со мала предност (26,20%) пред сојузот на актуелниот претседател Макрон (25,8%).

Елабе предвидува дека сојузот Ансамбл! на Макрон на 19 јуни ќе освои помеѓу 260-300 пратенички места (за целосно мнозинство потребни се 289 места) и прогнозира дека левицата ќе обезбеди 170-220 места, што е големо зголемување од 2017 година.

Жан-Лук Меланшон/ Фото EPA-EFE/CHRISTOPHE PETIT TESSON

Предизвиците за Макрон

Со неконтролираната инфлација што ги зголемува трошоците за живот и ги намалува платите, Макрон се мачеше да го надгради неговиот реизбор од април, а Меланшон не го сметаше за толку сериозен противник, често велејќи дека има повеќе намера да ги заштити богатите отколку сиромашните семејства.

„Со оглед на овој резултат и извонредната можност што ни ја нуди и судбината на заедничката татковина, ги повикувам луѓето следната недела да ја поразат катастрофалната политика на мнозинството на Макрон“, рече Меланшон по гласањето.

Со системот од два круга, кој се применува на 577 изборни единици низ целата земја, народното гласање во првиот круг е лош показател за тоа кој на крајот ќе освои мнозинство следната недела.

Во прашање е способноста на Макрон да ја помине својата реформска агенда, вклучително и спорната пензиска реформа со која Французите ќе работат подолго, што, според него, е неопходно за да се обезбеди долгорочен ред во јавните финансии.

Неговите противници од левата страна се залагаат за намалување на старосната граница за пензионирање и за покренување на голема потрошувачка. Блокот на Меланшон го искористи гневот поради зголемените животни трошоци и перцепираната слабост на Макрон во поврзувањето со обичните луѓе.

Упатените во владата очекуваа релативно слаби резултати во првиот круг во неделата за коалицијата на Макрон.

Рекорден број гласачи се воздржаа, велат анкетарите, при што повеќе од половина од сите регистрирани гласачи останаа настрана од избирачките места во топлата, сончева недела.

Емануел Макрон/ Фото EPA-EFE/LUDOVIC MARIN / POOL MAXPPP OUT

Мешана коалиција

Анкетите прогнозираат дека НУПЕС може да му го ускрати на Макрон апсолутното мнозинство во вториот круг на 19 јуни, што би го принудило претседателот да мора да преговара со десничарските партии за некои прашања, а може да предизвика и реконструкција на кабинетот.

Ниту една анкета не покажа дека НУПЕС го освои владејачкото мнозинство – сценарио кое би ја втурнало Франција во нестабилен период на соживот каде претседателот и премиерот доаѓаат од различни политички групи.

Кампањата на НУПЕС вклучува ветувања за ограничување на цените на десетици стоки за да се скроти инфлацијата, зголемување на минималната плата, намалување на возраста за пензионирање и поголема распределба на богатството.

Нејзиниот фронтмен, Меланшон, е евроскептичен ветеран на тврдокорната левица, долгогодишен обожавател на починатиот кубански револуционерен водач Фидел Кастро и на поранешниот претседател на Венецуела, Хуго Чавез. Тој сака Франција да го напушти НАТО, а во минатото тој го истакнуваше својот русофилски став.

„Националниот суверенитет не е раскинување со Европа, фасцинација со авторитарни режими и усогласување со Русија, туку силна нација во понезависна Европа“, рече премиерката Елизабет Борн.

Околу 14 министри на Макрон се натпреваруваат во локални трки и би можеле да ги загубат своите работни места доколку не успеат да победат на изборите.

Еден од најзагрозените членови на кабинетот е министерот за Европа, Клемент Бон, кој води кампања во изборна единица во источниот дел на Париз. Како поранешен советник за прашања како што е Брегзит, 40-годишниот Бон е близок соработник на претседателот.

„Тоа би била болна загуба“, рече владин извор.

Од другата страна на политичкиот спектар, лидерката на крајната десница Марин Ле Пен освои над 55 отсто од гласовите во нејзината изборна единица, но ќе мора да се соочи со вториот круг поради правилата за минимална излезност.

Клемент Бон
Клемент Бон / Фото: EPA-EFE/OLIVIER HOSLET

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот