Тетовските сообраќајци годинава пишуваат по 25 казни за брзо возење на ден

Контрола на брзината на возење. / Фото; МВР

Влезот на Тетово е едно од местата каде се откриени најголемиот број на возачи кои ја пречекориле брзината при управување возило, покажува евиденцијата на тетовската полиција за изминатите девет месеци.

За тој период од годинава на поширокото тетовско подрачје, во акциски, засилени или редовни контроли регистрирано е 6.551 пречекорување на максимално дозволената брзина во и надвор од населено место, како и 547 непрописни престигнувања.

– Најголемиот број од пречекорувањата откриени се на автопатот Гостивар-Тетово-Скопје, регионалните патишта Тетово-Јажинце и Тетово-Волковија, како и на влезот во Тетово, односно на улицата „Маршал Тито“. Меѓу пречекорувањата на брзината, посебно на автопатот, евидентирани се неколку и за повеќе од 70 километри на час, додека во населено место тие најчесто се движеле за 30 до 50 километри на час побрзо од дозволеното. Сите вакви сообраќајни прекршоци биле заокружени со соодветни поднесоци, согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, вели портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.

Во периодот за кој станува збор, неприспособената брзина според условите на патот била причина за вкупно 216 сообраќајни несреќи, поради што таа и натаму останува број еден, а потоа следуваат неправилно вршење на дејствие и непрописно престигнување. Несреќите причинети од пребрзо возење претежно завршувале и со најсериозни последици по учесниците во истите.

Видео на денот