Тетовци жедни за одговор кој ја мати водата

Изградба на мали хидроцентрали на долна Лешница

Малата хидроцентрала на Лешница не требало да се гради толку блиску до каптажата од која Тетово се снабдува со вода за пиење. Ние дадовме негативно мислење за тој проект, но не беше земено предвид.

Ова за „Слободен печат“ го изјави Борче Бојовски, раководител на Секторот за водоснабдување во тетовското јавно комунално претпријатие. Според Бојовски, локацијата на градилиштето на малата ХЕЦ на реката Пена е несоодветна, бидејќи е на само неколку стотини метри оддалеченост од објектот на каптажата.

Потврда за опасноста од несоодветно лоцираното градилиште на хидроцентралата на Лешница се и инцидентите со заматување на водата за пиење, која доаѓа од лешничкиот цевковод во пречистителната станица Лисец, а се случија во август и во септември годинава. Поради ова, Лешница беше исклучувана од системот на водоснабдување на Тетово. Инцидентите се совпаѓаа со периодот на интензивната изградба и бетонирање на објектите во самото корито на Пена, на само стотина метри од каптажата за вода.

Каптажа обезбедува 40 проценти од водата за пиење

Хидроцентралата, во чиишто челични цевки треба да завршат водите на реката Пена и на нејзината притока Лешничка Река, се гради во месноста Долна Лешница, во непосредна близина на постојната каптажа, од која што Тетово добива дури 40 проценти од водата за пиење. И системот за водоснабдување и хидроцентралата се наоѓаат на Шар Планина, во срцето на идниот национален парк, и тоа во зона која треба да добие највисок степен на заштита. Против изградбата на МХЕЦ Лешница во неколку наврати имаше протести, како и иницијативи за сопирање на изградбата.

Пред неколку дена, на прес-конференција и новата в.д. директорка на Државниот инспекторат за животна средина, Ана Петровска, соопшти дека инспекцискиот надзор на Лешница покажал оти постои потенцијална можност за загадување на водите за водоснабдување на Тетово. Петровска, најави дека ќе ги следат сите документи што се досега издадени од надлежните органи. Целта, додаде таа, е да се обезбеди континуитет во водоснабдувањето на населбите без да се уништува природата.

МЖСПП бара повеќе време за одговор

Според директорката на ДИЖС, Општина Тетово, која стопанисува со системот за водоснабдување, морала досега да имала воспоставено санитарна зона за заштита на изворот за водоснабдување.

– Ние ќе побараме од Општина Тетово да видиме дали таква санитарна зона е воспоставена или не. Доколку не е, веднаш ќе побараме да се воспостави, со цел додека тече овој процес да бидеме сигурни дека Тетово нема да има проблем со водоснабдувањето – рече Петровска.

„Слободен печат“ се обрати до Општина Тетово, но веќе два дена нема одговор на прашањето што е преземено за заштита на водата за пиење на градот под Шара. Одговор на прашањето – по која основа Министерството за животна средина (МЖСПП) дало позитивно мислење за користење на водата за производство на електрична енергија на Лешница и дали при издавањето на дозвола за изградбата на МХЕЦ било предвидено воспоставување заштитни зони за каптажата побаравме од МЖСПП, но оттаму побараа повеќе време да одговорат на поставените прашања.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот