Тетовчани повторно со рестрикции на вода

Рестрикции во водоснабдувањето на Тетово кои ќе траат најмалку два до три дена, најавија од тетовското јавно претпријатие Водовод откако главната водоводна цевка кој ја носи водата од месноста Лешница е уништена од свлечиште, на непристапен терен на Шар планина.

Ова за „Слободен печат“ го изјави Борче Бојовски од ЈП Водовод. Поради дефектот и намалениот дотур на вода за околу 150 литри во секунда, Тетовчани ќе имаат рестрикции на водоснабдувањето во период од 8 часот изутрина до 11.30, од 15 до 18 часот и од 00.00 до 05.00 часот изутрина.

„На околу два километри од месноста Лешница, кад се наоѓа каптажата за водоснабдување на Тетово, на непристапен терен, до каде што дополнително е отежнат пристапот на нашите екипи и поради големите снежни наноси, свлечиште има уништено дел од цевководот со кој се врши дотур на вода од овој извор“, појаснува Бојовски.

Тој додава дека е неизвесно кога екипите на тетовски Водовод ќе можат да го отклонат дефектот поради непристапноста на локацијата. Од ова претпријатие најавија дека, со цел ублажување на новонастанатата ситуација се активирани и четирите помошни бунари во Тетово, а дека стариот водоводен систем, заедно со бунарите, ќе обезбеди издашност од околу 200 литри во секунда.

Градот под Шар планина континуирано има проблем со водоснабдувањето од новиот дел на водоводната мрежа, кој доаѓа од каптажата во месноста Лешница и зафаќа дел од водите на реката Пена.

На истата локација во тек е изградба на мала хидроцентрала, а во септември минатата година, за време на изведување на градежните работи во коритото на реката исто така дојде до заматување на изворот и исклучување на лешничкиот водовод од системот на водоснабдување на Тетово.

Месноста Лешница, според предложениот закон за прогласување на Шар планина за национален парк е ставен во режим на строга заштита, која оневозможува било какви градежни активности во пределот, но самата локација на хидроцентралата, која се наоѓа во самото средиште на Лешничката долина, е изземена од заштитата за да се овозможи изградба на објектот на хидроцентралата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот