Tест прeд патување готов за еден час!

epa08246686 A Macedonian police officer wearing a face mask passes back the documents of a passenger crossing the Tabanovce Serbian - North Macedinian border near Kumanovo, Republic of North Macedonia, 25 February 2020. The Macedonian government decided to take stronger control on border crossing because of recent Coronavirus cases in Italy. EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Брз пи-си-ар тест што го детектира присуството на коронавирусот и дава резултати за еден час е начинот на кој летово ќе се спроведат масовните тестирања, доколку соседните држави им бараат на македонските туристи да се тестираат пред влез на нивна територија.

За еден час со брз пи-си-ар тест што го открива присуството на коронавирусот, македонските граѓани ќе може да се тестираат во повеќе државни јавно здравствени установи, доколку некоја од соседните земји се одлучи летово да бара тестирање пред влез на граница.

Со ова уверување министерот за здравство Венко Филипче посочи дека дури и регионалниот пристап на повеќе соседни држави да биде таков да се бара задолжителен тест пред патување, македонскиот здравствен систем тоа ќе може да го издржи и со капацитети и со ресурси. Во меѓувреме, Србија најави дека нема да бара македонските државјани да се тестираат пред да влезат во оваа држава, а Србија ќе ги отвори границите на 1 јуни.

Владата уште нема донесено став за отворање на границите и на аеродромите бидејќи се координира со соседните земји.

– За тестирањето постои начин да се надгради, сега работиме на систем на брзи пи-си-ар тестови. Тоа се тестови што го идентификуваат вирусот, а апарати има на неколку институции – на Клиниката за инфективни болести, во Институтот за микробиологија и во други јавноздравствени установи. Резултатот стигнува за 1 час. Во таа смисла, ако тоа е некаква заедничка одлука, нема да биде проблем да го спроведеме – појасни Филипче.

Викендов во Атина македонскиот и грчкиот министер за здравство разговараа за тоа транзитот на граничните премини Евзони и Богородица да биде забрзан, за да не се создаваат гужви при патувањето, а исто така се дискутирала и опцијата за бесплатно здравствено лекување во Грција за Македонците, доколку го „закачат“ коронавирусот во соседната земја. Но, официјален документ сѐ уште се изработува и се координира, по што документот ќе им биде понуден и на другите земји од регионот. Причината поради која се очекува сите држави од регионот да имаат координиран пристап за границите и за аеродромите е тоа што во сите имало приближно ист процент на заразени и сите земји се со прилично еднаков степен на ризик за ширењето на заразата со ковид-19.

– За време на разговорот со грчкиот колега, го споменавме тестирањето како една можност за заштита на здравјето, меѓутоа и ризикот дека тоа нема да има ефект ако станува збор за масовни патувања на голема бројка граѓани, кои би биле измешани со граѓани на други земји. Па, престојуваат за време на летните месеци во хотели, во апартмани и не сме сигурни дека тоа е некаква заштита на граѓаните. Еве, Србија најави дека нема да бара тестови за земјите од регионот, зашто имаа приближно ист број заразени со ист процент на ризик – рече Филипче.

Во меѓувреме се менува и алгоритамот за тестирање во земјава и конечно и тие што не знаат дали биле во контакт со заразен, ќе добијат државен тест за ковид-19.

Комисијата за заразни болести, имајќи ја предвид моментната епидемиолошка состојба и фазата на епидемијата во која се наоѓаме, на завчерашниот состанок одлучила да се измени алгоритамот за тестирање за коронавирус, кој досега не беше поволен за оние што не знаат или не можат да посочат со кое заразено лице биле во контакт. Имено, од вчера државен тест ќе може да добијат и тие луѓе со горнореспираторна инфекција, а кои не знаат, немаат информација или не се сигурни дека биле во контакт со потврден или со сомнителен случај.

Прашањето што досега им беше поставувано на граѓаните што се обидуваа на државно да добијат тестирање поради симптоми, а кое гласеше: „Дали сте имале контакт со потврден случај на растојание поголемо од два метра или пократко од 15 минути“, комплетно се отфрла од прашалникот и се заменува со „немате информации или не сте сигурни дека сте биле во контакт со потврден или сомнителен случај“. Со ова прашање се опфаќаат сите пациенти што немаат информација дека биле во контакт со сомнителен или со потврден случај. За ова се информирани сите матични лекари.

Со промена на алгоритамот на тестирањето, се анулира можноста системот да ги отфрли лицата што имаат симптоми, а не можат со сигурност да потврдат дека биле во контакт со заразен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот