Тесна трка помеѓу кандидатите за „Оскар“ за најдобар режисер

Пресекот на филмовите во категоријата за Оскар за најдобар режисер за оваа година ветува тесна трка меѓу моќната селекција од филмови и славни режисерски имиња.

Една од најважните награди што ги доделува американската Академија за филмски уметности и науки е Оскарот за најдобар режисер. Тука ги претставуваме годинашните номинации за Оскар, што ќе се додели на 27 март на најдобриот режисер.

По многу години поминати на огромни франшизи, познатиот актер и режисер Кенет Брана го направи „Белфаст“, својот најличен филм досега, користејќи ја пандемијата како повод за рефлексија кон минатото. Џејми Дорнан е главниот актер во полуавтобиографијата посветена на работничката класа во Белфаст за време на нередите во 1969 годинa во Ирска. Филмот доби седум номинации: најдобра фотографија на филм, најдобра режија, најдобро оригинално сценарио, најдобри споредни актер (Чиаран Хиндс) и актерка (Џуди Денч), и најдобра песна (Ван Морисон). Освен Оскарите, овој филм доби и шест номинации на 75-тото издание на наградите што ги доделува Британската академија за филмска и телевизиска уметност (БАФТА).

Со „Вози го мојот автомобил“, Јапонецот Рјусуке Хамагучи, освен во категоријата за најдобар режисер, влегува и во други од најважните категории за Оскар, како онаа за најдобро приспособено сценарио. Во филмот, Хидетоши Нишиџима глуми театарски режисер и вдовец, чиј живот драматично се менува кога прифаќа да работи на драмата „Вујко Вања“, што ќе го поттикне да размислува за животот на неговата покојна сопруга. Освен за најдобар режисер, филмот е номиниран и во категориите за најдобра фотографија на филм и за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје.

„Пица со ликорис“ на режисерот Пол Томас Андерсон ја раскажува приказната за љубовта на Алана и Гери во 1973 година во Калифорнија. Со овој филм, Андерсон е номиниран и во категоријата за најдобро оригинално сценарио. Впечатливо е и тоа дека режисерот вклучува двајца нови и многу талентирани актери, Алана Кејн и Купер Хофман, кои изненадуваат со својот освежувачки перформанс.

Вестерн-драмата „Моќта на кучето“ на режисерката Џејн Кампион има дури 12 номинации

Вестерн-драмата „Моќта на кучето“ на режисерката Џејн Кампион има дури 12 номинации за овогодишните награди, и тоа за најдобар филм, режија, адаптирано сценарио, актер, две номинации за најдобар спореден актер и за најдобра споредна актерка, најдобра кинематографија, продукција, музика, звучни ефекти и монтажа. Приказната се одвива во 1925 година во Монтана. Филмот, во кој глумат мегапознатите актери Бенедикт Камбербач и Кирстен Данст, ја раскажува приказната за ранчер што љубомори на својот неодамна оженет брат. „Моќта на кучето“ победи и во двете најважни категории на британскиот фестивал БАФТА, за најдобар филм и најдобра режија.

Филмот „Вест сајд стори“ на Стивен Спилберг е модерен римејк на „Ромео и Јулија“ и ја обработува забранетата љубов во свет на спротивставени танчарски банди. Филмот, што е втора долгометражна адаптација на истоимениот сценски мјузикл од 1957 година, е номиниран во дури седум категории: за најдобра фотографија на филм, најдобра споредна актерка (Аријана де Босе), дизајн на продукција, звук, дизајн на костум, кинематографија и, секако, во категоријата за најдобар режисер е Спилберг, кој со овој свеж римејк го остварува својот долгогодишен сон да режира мјузикл.

Со римејк на „Вест сајд стори“ Стивен Спилберг го остварува својот долгогодишен сон да режира мјузикл

Инаку, церемонијата за доделувањето на 94. Оскари е најавена за 27 март 2022 година. Најнаградуван режисер досега е Џон Форд со четири освоени Оскари, потоа Френк Капра и Вилијам Вајлер кои имаат по три Оскари. Најноминираниот режисер е Вилијам Вајлер со 12 номинации, а најноминиран режисер што не освоил Оскар е Кларенс Браун, со шест номинации зад себе.

(Текстот е објавен во ТВ и Филмски печат на 18 март 2022 во весникот „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот