Тешко без тебе: Тоше денеска ќе наполнеше 41 година

Фото: Фејсбук

На 25 јануари 1981 година во Прилеп е роден Тоше Проески, нашата и балканска музичка ѕвезда, кој прерано го загуби својот живот во сообраќајна несреќа во Хрватска. 

Тоше денеска ќе наполнеше 41 година.

Тоше беше еден од најголемите ѕвезди на балканската музичката сцена, но и надвор од регионот, каде што беше доживуван како заштитен знак на Македонија.

Отпеа многу хитови и до ден-денес е ненадминат на македонската музичка сцена.

Фото: EPA/VLATKO PERKOSKI

Во Крушево денеска ќе биде одбележан 41-роденден на Проески. Одбележувањето ќе започне со крводарителска акција во спомен куќата „Тодор Проески” на Гумење, а во 10:30 часот е најавена промоција на книгата на Бојан Тодоровски и музички настап на Никола Зацески со групата „Мелем”. Од 11 часот ќе биде промовирана збирката песни „1 200 молитви за Тоше“, со музички перформанс на Горан Папаз, а напладне ќе бидат доделени хуманитарни ваучери. Од 12:30 часот е планирана посета на вечното почивалиште на Тоше на Гумење.

Од 14 до 16 часот во Спомен-куќата на Тоше ќе се одржи музичко-сценски настан насловен „Ангел си ти” во изведба на камерниот оркестар од Битола со пијано трио од Скопје и со солисти од Македонската опера и балет под диригентство на Владимир Димовски.

Instagram
Фото: Инстаграм

Тоше Проески музичката кариера ја започна со настапот на „Мелфест“ во 1997 година. Патот кон ѕвездите му го отворија песните „Пушти ме“ (1997) и „Остани до крај“ (1998). Тој беше претставник на Република Македонија за песна на Евровизија во 2004 година во Истанбул, Турција, и го освои 14-то место. Во 2004 година, Проески беше именуван за регионален Амбасадор на добра волја на УНИЦЕФ.

Фото: Фејсбук

По тој повод ја издаде песната „За овој свет“. Ги објави албумите „Синот Божји“ (2000), „Некаде во ноќта“ (2001), „Ако ме погледнеш в очи“ (2003), „Ден за нас“ (2004), „По тебе“ (2005), „Божилак“ (2006), „Игри без граници“ (2007). Сингловите од албумот „По тебе“ по неколку месеци се наоѓаа на највисоките места на музичките топ-листи во Хрватска, Македонија, Србија, Црна Гора, Словенија и Босна и Херцеговина.

Фото: Фејсбук

Тоше Проески загина на 16 октомври 2007 година во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка во Хрватска. Постхумно Владата на Република Македонија го прогласи за заслужен граѓанин на државата, а во Крушево во негова чест е изграден меморијален центар што го носи неговото име.

Целиот Балкан и ден-денес тагува по легендарниот пејач Тоше Проески.

АД „Пошта на Северна Македонија” по повод роденденот на Тоше Проески, 25 јануари започнува акција – „Во чест и сеќавање на Тоше“ преку која може да се купи поштенска марка, ФДЦ коверт, максимум карта и масовен коверт.

Како што појаснија од Поштата, филателистичките производи ќе може да се нарачаат онлајн, преку електронската продавница на Пошта.

„Во чест и сеќавање на Тоше”: Поштенска марка по повод роденденот на Тоше Проески

 

Видео на денот