Тешки времиња за малите држави
Светот влегува во една нова ера. Ера на балансирање на моќта меѓу големите сили кое ја раскрши правната фасада што ја затскриваше реалноста и вечната тенденција кон балансирање на моќта.
Кога во 1995 година, како претставник на Македонија учествував во церемониите со кои се обелeжаа педесетте години од создавањето на ОН, заклучив дека светот и не е толку лош за малите држави како нашата. Тоа е, да потсетам, тој „униполарен момент“ на доминација на Америка со светската политика. Темите беа почитување на границите, почитување на индивидуалните и на колективните права на човекот и на народите, демократијата, борба против сиромаштијата, солидарноста… Слушајќи ги говорите на претставниците на големите сили во Генералното собрание на светската организација во Њујорк и во театарот во Сан Франциско во кој во 1945 година беше потпишана Повелбата на ОН, се присетив, од историските книги, за лошите времиња при падот на Лигата на народите. За залудните повици на царот Хајле Селасие до Лигата на народите да застане во одбрана на суверенитетот на неговата држава што беше окупирана од Италија. За залудните предупредувања во неговиот познат говор во Женева дека доколку сите не застанат во одбрана на слабата Етиопија, набргу самите ќе се соочат со истата судбина. Токму како и што се случи со избивањето на Втората светска војна.
Во таа 1995 година, веќе две години бевме членка на ОН, а и времињата беа добри кон нас, малите и слабите. Не и за Русија. Сергеј Лавров, тогашен претставник на Русија во ОН, а сегашен министер за надворешни работи, беше само „еден од нас“ членовите на групата на источноевропски држави. Неговата држава го беше загубила статусот на голема сила, а обидот да си ја поврати некогашната позиција, Западот го сметаше за невозможна мисија. Го прашав мојот пријател, амбасадорот на Холандија, подоцна претставник на НАТО во Македонија, Ник Бигман, за местото на Русија во светската политика. „Тоа е само еден нуклеарен Кувајт“, одговора. Како да сакаше да каже дека некогашната голема сила поседува само нуклеарно оружје и ништо друго. Со еден збор, дека е слаба. Само нуклеарно оружје? Зарем и тоа не е сила? Па, во тоа време, никој не помислуваше дека некој нормален би се заканил со нуклеарна војна за одново да седне на масата на големите сили. Причина? Нуклеарната војна е едновремено и самоубиствена војна.
Но, после серија предупредувања до Америка да не влегуваат во Украина, Путин го направи токму тоа: се закани со самоубиствена војна. Лекцијата што ја научивме, стара колку и писанијата на Тукидид, е дека ако една голема сила го паркира својот воен камион на прагот на друга голема сила, како Америка во Украина, со идејата за проширување на НАТО, загрозената страна ќе се обиде камионот да го тргне од пред своите порти макар и со закана со употреба на нуклеарно оружје. Дали е тоа блеф или е сериозна намера? Тоа е нешто во што никој разумен не би сакал да проверува. Се чини дека оваа реалност е разбрана од новата администрација на Трамп, која ќе се обиде да го тргне погрешно паркираниот воен камион во Украина од пред портите на Русија и да не ризикува нуклеарна војна. Останува да се види како ќе се одвива тој процес на повлекување. Но, ова ќе има сериозни последици по меѓународните односи. Преседанот со кршењето на нормите на меѓународното право и еден од базичните принципи на Повелбата за неповредливост на границите, направен со агресијата на Русија врз Украина, веќе има последици во поведението на политичарите во светот. Не е веќе неприфатливо да се размислува за грабање територии кога е тоа „витален национален економски или безбедносен интерес“ на големата сила, која и да е. Така, малкумина се скандализираат кога Трамп, денес, не ја исклучува можноста од воена интервенција во Панама за да го поврати Панамскиот Канал што го изградија Американците на почетокот од дваесеттиот век и кој ѝ беше вратен на Панама со договорите меѓу администрацијата на Картер и владата на матичната држава. Што го лути Трамп? Високите тарифи за премин низ каналот и влијанието на Кина во управувањето со овој важен воден премин за американските бродови. Сега, ова се толкува како погрешно паркиран кинески воен камион пред портите на Америка, ќе забележите.
И Гренланд е на списокот на желби на Трамп, како место од витална економска важност за Америка, па посакува да го купи од Данска. На Канада, пак, Трамп ѝ сугерира да размисли да стане 51 држава на САД оти досегашните економски и безбедносни аранжмани меѓу двете држави се прескапи за Америка.
Светот влегува во една нова ера. Ера на балансирање на моќта меѓу големите сили кое ја раскрши правната фасада која ја затскриваше реалноста и вечната тенденција кон балансирање на моќта. По овие тектонски промени, се очекува приспособување на меѓународното право кон меѓународната политика, зашто обратното не е можно. Контурите на оваа нова реалност се неизвесни. Но, едно е сигурно: таа реалност нема да биде добра за малите држави како Северна Македонија. Најмногу што можат да направат нашите политичари за безбедноста и благосостојбата на државата е да ги затвораат споровите со сите соседи. Тука уште може да се слушне нивниот збор. Врз политиките на големите сили немаат ама баш никакво влијание. Ах, да. И да престанат да се повикуваат на принципи и на параграфи како изговор за нечинење.
Либертас.мк
(Авторот е професор и прв министер за надворешни работи)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“