Тешки маки апстинентски

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Jасно е дека во „битката за апстинентите“ големо влијание ќе има и политичкиот и личен карактер на лидерите Заев и Мицкоски. Всушност, многу повеќе за Заев одошто Мицкоски.

Ја слушам, повремено, „мантрата“ на Заев дека „ако нема изгласан закон за Обвинителство, нема да има ни предвремени избори“, и не можам да се начудам на логиката на таа реторичка закана?!

Во што е смислата на дузина актуелни пратеници во Собранието (и уште три-четири дузини бивши и сегашни функционери во раководството на опозицијата) да им се заканувате дека ако не го изгласаат законот, според кој ќе треба да продолжат да одговараат за обвиненијата со кои се товарат за различни степени на тешки кривични дела, ќе се одложи закажаното вонредно излегување на избори, без кои (избори) тие удобно ги уживаат своите сегашни пратенички статуси, патни трошоци и имунитети, со мандат од уште изгледни 500 дена?!

Ууууууу, се смрзнаа од страв пратенициве на опозицијата! Сигурно се растрчани да направат амандмани на Предлог-законот, ред се чека пред собраниските печатари и фотокопири. Особено што, според срамежливите најави од нивната партија, речиси никој од овие пратеници нема да добие шанса повторно да се најде на изборните кандидатски листи…

Во меѓувреме, стигна и новата „француска“ методологија за отворање преговори со ЕУ, па добивањето датум станува сè поизвесно, со или без обвинителски закон. А и закон ќе си има, „оверен“ од 81 пратеник. Така што, на предвремени избори власта ќе влезе во кампања со прилично исполнет список на остварени ветувања, наспроти опозицијата која тврди дека ништо од тоа не чини и дека сè е катастрофа. Сегашниве пропагандни позиции и на едните и на другите нема во ниедна значајна смисла да се променат во наредните шеесетина дена до изборите.

Тоа значи дека двете партиски „војски“ – од по 250 илјади до 300 илјади гласачи – уредно ќе си се поредат зад „командите“ на своите лидери и раководства. Тоа, пак, значи дека изборната трка меѓу власта и опозицијата ќе се сведе на обработката на една доминантна категорија гласачи: потенцијалните апстиненти. ВМРО ќе настојува најголем дел од нив да ги демотивира да излезат на гласање, бидејќи грото од нив се разочарани од власта, но добро ги паметат „груевци“ и не би го дале својот глас за сегашната опозиција. А СДСМ ќе настојува што поголем дел од нив да ги мотивира да излезат на гласање и да застанат зад испорачаните, несовршени ветувања како влог во подобра, иако сè уште недостигната иднина.

Ако макар и приближно се согласиме со вака опишаниот изборен контекст, јасно е дека во „битката за апстинентите“ големо влијание ќе има и политичкиот и личен карактер на лидерите Заев и Мицкоски. Всушност, многу повеќе за Заев одошто Мицкоски.

Бидејќи, се чини дека водачот на опозицијата го има постигнато својот лидерски изборен потенцијал: се доживува како крут, пресметан, циничен, бескомпромисен, остроумен фајтер со извежбана политичка демагогија, што е главно резултат на непостоењето на каква било лична дистанца од перманентните „лоши вести“ што ги произведува неговата партија за да ја оцрни власта. Тоа е прилично скромна „хроматска“ лидерска слика, во која преовладуваат само сиви и црни тонови. Во случајот на Мицкоски, на денот на изборите ќе дознаеме кој е изборниот потенцијал за привлекување неопределени и апстинентски гласови со исклучиво негативистички лидерски пристап.

Од другата страна е Заев чиј лидерски предизборен „балон“ може да издишува и да се дуе многу пофлексибилно – и во извежбана демагошка и во реална, „програмска“ смисла – со многу поширок дијапазон на оптимизам и карактерна мекост, со долгогодишно политичко искуство, со итрина и помала дистанца кон моќта со гласачите, што му дава голем маневарски, заводлив потенцијал за „гушкање“ со неопределените и апстинентски расположените гласачи од сите етнички, социјални и други демографски бои. На денот на изборите ќе дознаеме кој е изборниот потенцијал за привлекување неопределени и апстинентски гласови со главно позитивистички лидерски пристап.

Затоа, баталете пцости и навреди од црнобел партиски арсенал – овие избори ќе ги решат оние кои се повоздржани, помалку фејсбук-хистерични, кои не учествуваат во секојдневниот јавен натпревар за измислување нови навреди и кои размислуваат дали паролата „Сите се исти!“ е добра гласачка инвестиција за иднината… Оти, на крајот, таа иднина, секако, ќе дојде; прашањето е дали сакате да учествувате во нејзиното макар и магловито обликување или ви е сè преку…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот