Термини за ехо на дојка и мамографија нема со месеци, се чекаат новите апарати од ЕУ

Клинички компплекс „Мајка Тереза“ Скопје / EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Апаратите за мамографија речиси низ цела Македонија не се во функција, а термин за во Скопје треба долго да чекаш. Со месеци се чека и за ехо на дојка, како и за други специјалистички прегледи. Ако на страницата „Мој термин“ се побара термин за специјалист на хемодијализа, ревматологија, урологија, едноставно, термин нема.

Луѓето имаат и други маки, не е само короната проблем. Цел живот плаќаме здравствено осигурување, а пак одиме приватно да се прегледуваме и да се лечиме. Прашање е кој може да плати за да оди приватно да се лечи – револтирано праша читателка.

Со овој проблем запознаен е и министерот за здравство Венко Филипче. Тој смета дека проблемот ќе се реши кога ќе стигнат новите апарати за магнетна резонанца и за компјутерска томографија кои ќе бидат донација од Европската Унија.

Запознаен сум со проблемите кои ги имаат граѓаните и неможноста да закажат термин кај специјалист. Дел од проблемот се должи на тоа што рентген-институтите се пренаменети во ковид-центри. Разговарав со директорот на Радиологија, како и со  дел од Управниот одбор на Лекарската комора.  Договоривме измена на моделот за закажување на овие прегледи, со тоа што и матичните лекари ќе можат да закажуваат термини, а не само специјалистите. Очекуваме да пристигнат нови апарати за магнетна резонанца и компјутерска томографија, донација од ЕУ. Апаратите ќе бидат инсталирани насекаде низ државата, што значи дека целосно ќе се смени сликата, и тоа многу наскоро, на почетокот на следната година во јануари или февруари – најавува министерот Филипче.

Тој вели дека и до сега интервенирале, со тоа што по потреба пуштале повеќе слободни термини во „Мој термин“.

Инаку, во сите јавно-здравствени установи што се опремени со соодветна апаратура за оваа намена, од први до десетти во месецот се пуштаат термини во толкав број во колкав што дозволуваат временските и просторните услови, запазувајќи ги протоколите за ковид-19. Термините ги одобруваат директорите на установите врз основа на претходно предвиден организациски план.

Претседателката на Сојузот на матични лекари, Лидија Чолакова -Дервишова, вели дека ова не е нов проблем, и се надева дека конечно ќе се најде решение.

Не можеме да најдеме термин, мораме пациентите да ги упатуваме на Хирургија за да добијат термин, а тоа повлекува дополнителна партиципација и трошок. Не можеме да закажеме преглед дури ни кога се сомневаме дека се работи за туморозна формација.  За разлика од јавното здравство, приватното функционира беспрекорно. Запозната сум дека во некои градови воопшто не функционираат апаратите, но и таму каде што функционираат, има многу малку слободни термини. Често се случува и самиот доктор специјалист да ги блокира термините и крајно време е некој да почне да води сметка зошто има малку слободни термини во „Мој термин“ – вели Чолакова-Дервишова.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот