Теракотни фигурини од Соња Поповска-Трајковска се изложени во галеријата на Кинотеката

Колаж со фигурини од изложбата „Печат на емотивниот допир“

Во организација на Здружението „Училница осум 8“ од Скопје на 25 јануари во галеријата на Кинотеката, во 19.30 часот, ќе биде отворена самостојната изложба на теракотни фигурини „Печат на емотивниот допир“ од Соња Поповска-Трајковска.

Соња Поповска-Трајковска по образование е скулптор и керамичар, авторка која сака да експериментира и да работи во класични материјали, како и во доменот на одделни мултимедијални проекти. Работата како наставник по ликовно образование во основно училиште придонесува за здобивање со одделни нови искуства и сознанија во творештвото. Не треба да се заборави и на нејзиното ангажирање како организатор на самостојни и групни изложби, како и учеството на годишните изложби на Друштвото на ликовните уметници на Македонија.

– Поповска-Трајковска се претставува со фигурини во теракота создадени во најновиот период. Делата се реализирани во една поспонтана постапка за да дојде до израз нејзиниот интерес за заоблени форми чија фина стилизација не ги губи извесните органски, па и еротски белези. Не случајно тоа се (полу)женски фигури, поточно тела или актови конципирани едноставно, но и со некои детали кои се одмерено вградени во единството на целината. Фигурините се стопени со подлогата која потсетува на преработен модел на неолитската Мајка Божица, а малите кружни отвори – негативниот волумен, разбранувана коса, како и некои други елементи упатуваат на извесни модерни, па и надреални решенија. Немирниот дух на Поповска-Трајковска не застанува на тоа: фигурините ги поставува меѓу две плоскави форми – профили остварувајќи просторна релација со нова сугестивност. Таквите настојувања се дел од модернизмот во македонската скулптура – истакнува историчарот на уметност, Владимир Величковски.

Соња Поповска-Трајковска, родена 1969 година, завршила Факултет за ликовни уметности во Скопје. Работи скулптури во разни материјали, како метал, керамика, дрво, сипорекс, теракота. Работи како наставник во ООУ „Димо Хаџи Димов“ во Скопје, со многубројни долгогодишни активности и награди. Член е на ДЛУМ, Детскиот ликовен центар, Градското здружение на ликовни педагози на Скопје, Здружение на граѓани „Училница осум 8“ – Скопје.

Активно настапува од 1996 година, соработува и реализира редовно на групни изложби на ДЛУМ, во и надвор од земјата, реализира самостојни, многубројни групни изложби и авторски мултимедијални проекти, како и национални и меѓународни, ликовни колонии и креативни работилници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот