Тензични искази на сведок-адвокат во случајот „Триста“

Сведокот адвокат Маја Малакова, која била претседателка на Државната комисија за жалби по јавни набавки во 2008 година била адвокат, а била ангажирана како претседател на Управниот одбор на Градската болница во Скопје, член на Управниот одбор во „Паркови и зеленило”, функционер во прилепскиот Тутински комбинат и заменик-претседател на владината Комисија за јавни набавки, а подоцна станала и претседател на Државната второстепена комисија, денеска на барање на одбраната на обвинетиот екс-помошник министер во МВР Ѓоко Поповски во случајот „Триста“ на СЈО даде свој долг исказ.

Малакова е поранешна судијка. Во моментов е невработена, но зема апанажа од претходните функции. Таа денеска на двапати од судијката Добрила Кацарска беше опомената да одговори на прашањата, за кои рече дека „не ги разбира“ и побара поради тоа да не биде искарана, на што судијката Кацарска одговори: „Не сте овде да ве караме“.

На директните прашања од страна на судскиот совет, Малакова, според судијката Кацарска давала нејасни одговори, па на моменти Кацарска беше принудена да рече: „Не вртете со одговорот. Одговорете како што треба“.

Малакова, како што самата рече, во период кога бил распишан спорниот полициски тендер била заменик претседател на оваа Комисија, бидејќи тогашниот нејзин претседател бил избран за генерален секретар на Влада. Пред неа сведочеше Никола Бојаџиевски од „Аутомобиле СК”, каде што е раководител на продажба. Изјави дека на тендерот на МВР за набавка на 300 возила, фирмата во која тој работи конкурирала со понуда за 120 возила, но од МВР биле известени дека од нив ќе купат само 50 автомобили.

На прашање на обвинителот од СЈО дали ја знае причината зошто од понудените 120 им биле купени само 50 возила, сведокот рече дека не ја знае причината. После него сведочеше Илија Поп Јанев, вработен во „Доор тренинг”, кој во 2008 година кога бил тендерот на МВР бил управител на фирмата „Авто куќа”.

– Од нас беше побарано да дистрибуираме 40 возила. За два месеца ги донесовме возила и МВР ги презеде. Три месеци се доцнеше со исплата на првата месечна рата – рече сведокот.

Случајот „Триста“ на СЈО се однесува на набавка на 300 возила за потребите на Министерството за внатрешни работи. Според обвинението со оваа набавка бил оштетен буџетот на државата за сума од 453.570 евра. Обвинет е Ѓоко Поповски, поранешен помошник-министер во Министерството за внатрешни работи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот