Тенката линија меѓу „Дурмо турс“ и „Беса транс“

милорад стојмановски
Милорад Стојмановски / Фото: Слободен печат

Тригодишната неказнивост за сообраќајката кај Ласкарци осоколува фирми како „Беса транс“ со години да возат на диво, дури и меѓународни тури. До некоја наредна несреќа!

За да стивне гневот во јавноста по серијата пожари што годинава одземаат животи, почнувајќи од опожарените шуми, преку модуларната болница во Тетово, па до последниот, во кој изгореа 45 лица во македонски автобус во Бугарија, првата мерка од некој државен орган беше одземањето дозвола за вршење меѓународен превоз на „Беса транс“. Компанијата користела возило што не било во регистарот на Министерството за транспорт и врски. Завчеравечер беа суспендирани двајца цариници кои биле на смена на 18 ноември 2021 година, а за нивниот непосреден раководител „ќе следува мерка на санкционирање“.

Царинската управа соопшти и дека „за возилото со регистарски таблички СК 0284 БА на превозникот БЕСА Транс од Скопје, во периодот од 15.10.2020 година до 11.11.2021 година, Царинската управа има евидентирано повеќе  преминувања, преку граничните премини: ГЦИ Деве Баир, ГЦИ Блаце, ГЦИ Ќафасан и ГЦИ Делчево, за различни видови превоз, вклучувајќи и евиденција на бројот на Изводот од лиценцата за вршење јавен превоз во меѓународниот патен сообраќај – слободен превоз на патници“. Од Царината велат дека допрва ќе се утврдува уште колкупати не е евидентирано фантомското возило при влез-излез од земјава.

Дали двајцата суспендирани цариници и нивниот раководител ќе бидат „дежурни виновници“ за сите пропуштања и пропусти поврзани со спорниот автобус, иако е повеќе од очигледно дека зад целиот случај се крие синџир на митаџии, зад кои, нели, секогаш мора да стои некој „голем“. Прилично арогантно за вакви траорни моменти се однесуваше директорот на Државниот инспекторат за транспорт, кој со дрвја и камења се нафрли врз цариниците, амнестирајќи го Инспекторатот како ненадлежен во случајот.

Свесен сум дека за жртвите на патиштата придонесуваат и „сообраќајните коморбидитети“, односно општествените болести: лоши закони, нивното непочитување и неспроведување, несоодветни кадри на јавни функции, корупција, сообраќајната некултура, отсуството на правна држава, толерирање нелојална конкуренција и шверц, катастрофалната инфраструктура, па дури и социјалниот статус на уценетите возачи, кои прифаќаат да возат под секакви услови. Сепак, додека не се најдат конкретни виновници во овој проток на неправилности како на бескрајна лента, несреќите ќе ни се повторуваат уште покатастрофално. Судскиот процес за сообраќајката кај Ласкарци трае речиси три години, за што оправдување се бара во пандемиско-карантинскиот долг период зад нас. Поради последиците (16 жртви) овој случај досега мораше да има разрешница. Зашто неказнивоста за „Дурмо турс“ осоколува фирми како „Беса транс“ со години да возат на диво, дури и меѓународни тури. Ако се сака, може да се утврди тенката линија што ги поврзува несреќите за кои се одговорни двете компании.

Како по правило, по секоја катастрофа надлежните почнуваат ревносно да го работат тоа за што се платени. Можеби деновиве и ќе се намали бројот на диви превозници што „контролираат“ две третини од вкупниот внатрешен транспорт на патници. Барем првите три дена, колку што траат чудата, нели? Од вчера веројатно и цариниците ги тресат автобусите на граничните премини. Паметам дека дури по потонувањето на бродот „Илинден“ во Охридското Езеро се воведе ред со скутерите што дивееја покрај плажите. Завчера, МВР во Тетово и во Гостивар исклучило од сообраќај седум автобуси. Колку време возеле со расипани сопирачки и управувач – не кажаа.

За жал, не учиме од сопствените, камоли од туѓите грешки, иако сме рекордери по бројот на загинати по глава на жител во воздушниот сообраќај (две катастрофални авионски несреќи – „Палер“ и „Авиоимпекс“), по бројот на жртви во водниот сообраќај („Илинден“) ако се има предвид интензитетот на прометот, а од вторникот Македонија влегува и во црните статистики како земја со најголем број загинати во една автобуска несреќа во Европа во последнава деценија. Треба ли да се додаде и поразителниот факт дека сме една од ретките земји што загубиле претседател во авионска несреќа и на кои им загинале војници и полицајци во хеликоптерски несреќи.

Вози Мишко, везаних очију!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот