
Тенка е линијата меѓу сочувство и протест, „народот ќе се самоорганизира“ ако не се уапсат вистинските
Вистинска процена дали постои енергија за сериозно граѓанско движење, за промена на институциите, моделот и системот, ќе видиме дури наредната недела. Тогаш ќе видиме дали таа енергија се претвора во движење или била само излив на афект во дадениот момент. Дали ќе му се случи народ на премиерот по неговиот сопствен рецепт, рано е да се предвиди, вели за „Слободен печат“ аналитичарот Петар Арсовски.
Дали на премиерот Христијан Мицкоски „ќе му се случи народ“ по неговиот сопствен рецепт рано е да се предвиди. Тоа ќе зависи, меѓу другото, од решителноста дали ќе ги најдат и казнат одговорните, без да се штити никој и дали ќе направат систем во кој нема да се повтори ужасната трагедија, е процената на политичкиот аналитичар Петар Арсовски само неколку денови по несреќата во која изгореа најмалку 59 млади во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Мицкоски претходно предупреди дека народот ќе се „самоорганизира“ на протести, ако петтемина членови на Судскиот совет не поднесат оставки. Само еден ден по трагедијата граѓани излегоа на протести во Кочани, а во Скопје студенти организираа „Заеднички час“ за да им оддадат почит на загинатите. Протест во главниот град за вечерва беше најавен од неформалната организација „Кој е следен“.
Препорачано

– Во моментов имаме изблик на негативна енергија, односно бес што се случи во Кочани со демолирање на угостителскиот објект што исто така бил сопственост на сопственикот на кабарето и каменување на општинската зграда. Но тоа се протести, условно речено, во афект, со една висока доза на емоција. Вистинска процена дали постои енергија за сериозно граѓанско движење, за промена на институциите, моделот и системот, ќе видиме дури наредната недела, да не бидам вулгарен, дури откако ќе ги погребаат починатите, затоа што тогаш ќе видиме дали таа енергија се претвора во движење или била само излив на афект во дадениот момент. Дали ќе му се случи народ на премиерот по неговиот сопствен рецепт, рано е да се предвиди – вели Арсовски за „Слободен печат“.
Протестот во Кочани почна мирно, но ескалираше кога граѓаните револтот го истурија врз општинската зграда со фрлање јајца и бараа градоначалникот Љупчо Папазов да излезе пред нив. Граѓаните го демолираа кафулето на сопственикот на дискотеката и превртеа контејнери. Сенка на „заедничкиот час“ на студентите во Скопје, пак, фрлија говорите на министерката за образование Весна Јаневска и на ректорката на УКИМ Билјана Ангелова, по што УСС на УКИМ се извини со ветување дека на следниот собир, закажан за 21 март, ќе нема обраќања. Присуството и обраќањето на министерката и на ректорката, јавноста ги протолкува како киднапирање на собирот и обид за замолчување на студентите, особено затоа што Јаневска во обраќањето цитираше песна од Ацо Шопов, која беше протолкувана како повик до студентите да молчат. На собирот потоа се обрати и единствениот студент што зборуваше, за да им порача дека „не сме тука за да правиме бунт, туку за да бидеме сплотени и да оддадеме почит кон жртвите“. Ова предизвика раздор меѓу студентите, па факултетското студентско собрание на Филозофскиот факултет при УКИМ изгласа недоверба на делегатите на УСС УКИМ.

„Експериментот со УСС заврши, студентите на УКИМ ќе се самоорганизираат пленумски! Тоа за кое пред деценија студентите се бореа, никогаш не го добија. Наместо автентично претставување на студентскиот интерес, го добивме зависниот бирократски лавиринт наречен УСС на УКИМ“, порачаа студентите од Филозофскиот факултет.
Стотици студенти, пак, денеска се собраа во кампусот на техничките факултети во Скопје, од каде што искажаа сочувство кон жртвите кои настрадаа во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“. Ученици, студенти и граѓани оддаваа почит и во Битола, Охрид, Тетово, Штип, Кавадарци, Куманово…
Дилемата е дали веќе има обиди да се задушат собирањата на студентите и протестите кои ги најави неформалната организација “Кој е следен“.
– Ако постои некаков организиран обид да се задушат протестите, тоа нема да го видиме на телевизија, тој ќе се случува на терен, помеѓу лидерите на протестите, припадници на безбедносните служби на лице место и на терен кои се обидуваат да ги задушат. Се разбира дека државата, системот, не сакаат протести и се разбира дека прават сè за протести да не се случат. Но поважно е дали ќе си ја завршат својата работа, дали ќе ги најдат одговорните, дали ќе ги казнат одговорните без да штитат некого и, што е уште поважно, дали ќе направат систем во кој ваква работа нема да се повтори – вели Арсовски.

Тој потсетува дека граѓаните се сведоци дека изминатите години, почнувајќи од „Ласкарци“, па „Беса-транс“, бродот во Охрид, модуларната болница и сега дискотеката во Кочани, ни се случуваат несреќи кои се производ на лош систем кој не функционира, односно на целосно затајување на системот.
– Ако власта успее да покаже дека се труди вистински да го поправи системот ќе ја намали енергијата, ако луѓето доживеат дека и ова е само еден политички театар, тогаш таа енергија ќе експлодира. Сигурно постои обид да се намали таа енергија, зашто ако таа енергија се излее на улиците, стане голема, сериозно цунами, како што се случува во Србија, најголемата политичка цена ќе ја плати тој што во моментов е на власт. Но, најважно е дали истрагата ќе биде непристрасна и транспарентна. Ние во моментов не знаеме дали градоначалникот треба да биде повикан на одговорност или не, но знаеме дека го испрашувале, не знаеме зошто одлучиле да не биде осомничен. Од транспарентноста на истрагата на Јавното обвинителство и на МВР ќе зависи дали таа енергија ќе спласне или кулминира, или луѓето ќе помислат дека повторно има подобни за прогон и подобни за штитење – вели Арсовски.
Јавноста веќе е поделена за протестите. На социјалните мрежи веќе се споделуваат објави дека „сега не е време за протести, не е време за политики“, но и објави дека „сега е време за протести зашто кај нас сè се заборава за три дена“.