Тенисерите повеќе не му се плашат на Ѓоковиќ

Новак Ѓоковиќ годинава триумфира на три грен слем турнири, Австралија Опен, Ролан Гарос и Вимблдон/ фото: EPA-EFE/JOHN G. MABANGLO

Поранешниот грен слем шампион Матс Виландер смета дека младите тенисери повеќе не му се плашат на Новак Ѓоковиќ.

Српскиот тенисер годинава освои три грен слем титули и играше во финалето на четвриот грен слем и по седми пат ја заврши годината како прв тенисер на АТП ранг-листата, но исто така имаше и порази од предводниците на новата генерација.

Ѓоковиќ во финалето на УС Опен загуби во три сета од Данил Медведев, додека во полуфиналето на завршниот АТП мастерс како и во полуфиналето на Олимписките игри во Токио беше поразен од Александер Зверев. Медведев е втор тенисер на ранг-листата, додека Зверев се наоѓа на третото место.

– Најголемата разлика е тоа што тенисерите кои се зад Новак на ранг-листата, сега веруваат дека можат да го победат на секоја подлога и во било кој момент. Мислам дека повеќе не му се плашат, освен во ситуации кога се игра четврти или петти сет на грен слем турнир. Иако ја имаше една од најдобрите сезони во кариерата, Новак на крајот изгледаше ранливо и тоа на УС Опен и на завршниот АТП мастерс, можеби дури и на Олимписките игри – вели Виландер кој во исто време е воодушевен од Ѓоковиќ за кого смета дека игра како 24-годишен тенисер, а не како десет години постар.

Виландер не е 100 проценти сигурен дали Новак ќе настапи на Австралија Опен.
– не знам што ќе направи Новак Ѓоковиќ. Тоа е грен слем на кој имаше највеќе успеси и Мелбурн е местото каде може да дојде до 21 грен слем трофеј. Но, во исто време тој размислува и за здравјето и за иднината. Не би ме изненадило Ѓоковиќ да не игра во Мелбурн. Дали тоа би било лошо за турнирот? Па да, на еден начин, но во исто време ќе имаме шанса да добиеме нов грен слем шампион – додава Виландер.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот