„Темплум“ објави зборник со текстови за инвалидните тела

Издавачката куќа „Темплум“ неодамна го објави зборникот „Попреченост: текстови за инвалидните тела“, прв од ваков тип на македонски јазик. Книгата е објавена во едицијата теорија „20/21 Век“.

Во содржината на книгата се пренесени пет влијателни есеи од областа на „студиите за попреченост“, а во вториот дел и дваесетина кратки есеи за телото.

Уредникот Никола Гелевски во предговорот пишува дека книгата има за цел да го поттикне знаењето за попреченоста кај нас, сметајќи дека интелектуалното знаење за попреченоста, пред сè, ќе им овозможи подобро место во општеството на луѓето со попреченост. Воедно, овие текстови и кај пошироката заедница треба да го приближат знаењето за попреченоста, со што ќе се поттикнат емпатијата, солидарноста и вклученоста во општеството.

Во еден од застапените есеи, Ленард Дејвис, светски познат стручњак во студиите за попреченост, го истакнува фактот дека лицата со инвалидитет сочинуваат 15 проценти од населението – најголемо физичко малцинство во многу земји. Според него, „податокот дека најверојатно многумина од телесно неоштетените денес ќе станат оштетени утре“ го повлекува прашањето: „Зошто инвалидноста не е препознаена како потенцијално универзална состојба? Иако таа навистина е тоа“.

– Овој мал зборник за попреченост сака да биде, значи, ем интелектуален резервоар на клучните идеи за попреченоста, ем поттик за развој на активизмот на луѓето со попреченост кај нас. На активизмот многу често му се потребни рефлексии и промислувања, за да фати чекор со поширокото опкружување, но и за подобро да се разбере самиот себе – стои во предговорот на зборникот.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 113, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 22-23 јануари 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот