Темпирана бомба – Слободен печат
Колумни

Темпирана бомба

Како што од ведро небо ни се појавува темпираната бомба, наречена „Охис“, која може да уништи половина град, а сите надлежни молчеле или сега се прават дека не знаат за неа, така во државава постојат уште многу недемонтирани „бомби“ со слични закани. Тие беа, односно се, резултат на незапочнатите – или некаде незавршените – процеси на справување со остатоците од бившиот режим во сите општествени сегменти.

Ако нешто навистина беше од најголема важност по оној јуни 2017 година и дефинитивното воспоставување на нова демократска власт, тогаш тоа беше принципот на етичност/моралност во практикувањето на власта. Овој принцип беше condition sine qua non, принцип што не требаше да биде иманентен само во политиката – колку и да тие два поими изгледаат контрадикторни – туку во севкупниот живот, во сите сегменти на општеството. Тогаш повеќе од кога и да е, бидејќи само и единствено етичноста на власта во демократските општества води кон верба и почит во неа. Таму каде што тоа го нема, лесно растат популистичките, фашистичките и диктаторските тенденции (C. Stückelberger). А тој филм го гледавме и ние речиси дванаесет години! Не научивме ништо?

Тоа минато за многумина, или за најголемиот дел од граѓаните, беше болно. Многу нешта видовме и доживеавме за првпат – оние нешта токму од црната страна на политиката, на беспризорното владеење, на спрегата на криминалот и политиката…, на површината излегоа полуписмени партиски банди што го тероризираа општеството во сите сегменти, особено во државната администрација, во економијата, културата, здравството, образованието. Оттука, 2017-та дојде како олеснување, како нов почеток во којшто себеси се вградија многумина, верувајќи дека уривањето на еден режим мора да значи нов почеток за вистинско демократско општество поставено на нови темели, пред сè етички, а потоа научни, стручни, професионални. Нормално, најчесто, или речиси по правило практиката е поинаква, наметнува итни и навидум нерешливи дилеми/прашања, конфликтни ситуации што бараат внимателно постапување.

Но тоа секогаш е така по такви крупни општествени ломови! И токму затоа, етиката/етичноста е, треба да биде, единствената идеја водилка во дадените ситуации. Не знам дали тука доволно се разбираме, но повторно мислам дека речиси кај секој граѓанин на оваа држава, кој не беше криминално инволвиран во зделките на бившиот режим, етиката/етичноста на новата власт беше првото, ако не и најголемото очекување! Но, ние ни за тоа немаме дури ни иницијални истражувања. Се разбира, овие прашања се премногу сложени, а јас во нив сум само обид за ориентација. Сакам да кажам: оваа материја е работа на науката, на специјалистите, ама нив или тоа не ги интересира – имаат попаметна работа? – или се премрзеливи уста да отворат.

Германија успеа да се надмине себеси и да се извини за нацистичкото минато и злосторствата направени во негово име. Сетете се само на Вили Брант! Но, во овој контекст, нашиот источен сосед никогаш тоа не го направи во однос на Македонија, ниту покажува некаква намера за тоа. Дури, напротив, што е незабележан скандал во меѓународни размери! Но, некои експерти (B. Girardin, на пример) сметаат дека внатрешните (расни, етнички, социјални …) конфликти многу побавно и потешко (етички) заздравуваат. И се наведуваат примери на Зимбабве и Јужна Африка, Аргентина, Чиле, Источен Тимор… Во тој поглед и нашата бивша (заедничка) држава (Југославија) е извонреден пример.

Оттука, македонската постконфликтна ситуација – се разбира мислам на 2017 година, и понатаму – е еднаква на вториот опишан тип, со многу специфики, нормално. Блиска е можеби до постконфликтните ситуации на Аргентина и Чиле по воените диктатури, иако ние немавме баш такво искуство, туку некои домашни експерти, па и странски, нашата состојба најчесто ја именуваа(т) како „мека диктатура“, што и да значи тоа. Од друга страна, нашата ситуација покажува сличности и со првиот тип во однос на упорното одбивање на злосторничкото здружение – сега во улогата на политичка опозиција, што е уште еден наш нонсенс – да се извини на народот за сите злодела направени во текот на режимот. Но, секој домашен конфликт има многу специфики и безмалу ниту еден не наликува на некој друг. Сеедно, но сакам да кажам: и кај нас „непријателот“ не беше странец, туку домашен, имаше лик и име и презиме (особено во случајот „27 април“), тој ист непријател се колнеше во добиен легитимитет од народот, иако денес сведочиме на тоа како тој легитимитет бил грабнат, и кај нас имаше насилство, режимот генерираше недоверба кон „другиот“ (главно политичка, но и национална, тоест „патриотска“), постоеше економска, социјална, културна, образовна и друга дискриминација итн. Само држави кои поминале низ еден таков внатрешен конфликт ги знаат вистинските „приказни“; само народ што поминал низ такви трауми знае што е тоа и како нештата треба да се решаваат!

Кај нас, до денес, речиси ништо не се направи на овој план, или се направи многу малку, без вистински (и очекувани) завршници. И тоа е, меѓу другото, проблем на отсуството на етиката од политиките на власта. Но и на неукоста, неспособноста, незаинтересираноста кај некои од клучните фактори надлежни за нивно разрешување. Како што дури сега, како од ведро небо ни се појавува темпираната бомба, наречена „Охис“, која може да уништи половина град, а сите надлежни молчеле или сега се прават дека не знаат за неа, така во државава постојат уште многу недемонтирани „бомби“ со слични закани. Тие беа, односно се, резултат на незапочнатите – или некаде незавршените – процеси на справување со остатоците од бившиот режим во сите општествени сегменти. Дел од нив не се решаваа(т) дури и во името на некаква квазиетичност, „грижа за човекот“ и слични глупости, неодржливи во наши услови. Невидената, неочекуваната бавност во реорганизацијата на државата и справувањето со последиците, а во извесна смисла и со причините, тоест причинителите на крахот на македонското општество за време на бившиот режим, во голема мера денес им остава дури и надеж на бајрактарите на криминалниот национализам за пропагирање на паролата „сите се исти“, па дури и за враќање на власт. Голем број од овие уште лагодно фигурира во највисоките ешалони и на оваа власт, особено во државната администрација. Некаде дури сè уште и на раководни и одлично платени работни места, на запрепастување на средината и на оние кои уште ги паметат понижувањата и траумите од таквите персони. Се разбира дека би можел да ви посочам дури и директори по име и презиме, па и во културата, кои така здушно беа „гоничи на робови“ во времето на режимот, така беневолентно соработуваа со таа власт, а ене ги и денес удобно седат во фотелјите со продолжени, дури вечни мандати. Сè се тоа персони кои први требаше да бидат диференцирани, без оглед на нивните „влијателни“ презимиња, пријателски или којзнае какви други врски со личности од сегашната власт и слични оправдувања. Тоа се мали но видливи и ефикасни знаци коишто луѓето/средината ги очекува(ше) и цени во насоката на правичното и етичкото справување со остатоците од режимот. И тука не смее(ше) да има никакви оправдувања или отстапки. А ги имаше, и токму тие беа воведот во натамошната хаварија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close