Темните оловни рими на европската историја

мирослав грчев
Мирослав Грчев. / Фото: Приватна архива

Длабокиот увид во историските настани што им претходеле на денешните случувања во светот, несопирливо ги откриваат структуралните сличности на настаните од сосем различни епохи, империјалните или регионални интереси и анимозитети, заедничките мотиви или динамика, елементите од воениот итинерер или мизансценот, со еден збор – неверојатните историски рими.

Изреката дека историјата не се повторува, но често знае да се римува, му се припишува на Марк Твен, иако овој гениј тоа можеби го кажал, но со сигурност не го оставил напишано во својата богата литературна оставнина. Како и да е, длабокиот увид во историските настани што им претходеле на денешните случувања во светот, несопирливо ги откриваат структуралните сличности на настаните од сосем различни епохи, империјалните или регионални интереси и анимозитети, заедничките мотиви или динамика, елементите од воениот итинерер или мизансценот, со еден збор – неверојатните историски рими.
Една од овие моќни, но незабележливи рими е обединувањето на Европа, кое претставува историски процес што во новиот век повеќепати се случува, расте и се реализира, и од својот зенит стрмно пропаѓа, за век подоцна повторно да почне да се случува како на себе слична рима. Се разбира, обединувањето на Европа во новата историја на континентов бил секогаш военополитички процес полн со притисоци, насилство, воено освојување и гибел. Од своето прво обединување во почетокот на 19 век, преку второто во половината на 20 век, па до ова што го живееме во младиот 21 век, обединетиот ентитет е сè поголем, вклучувајќи во себе сè повеќе европски земји и територии, но особено за сите три процеси е што ги краси ист климакс што се реализира како воено ширење „на европската цивилизација“ на исток, во варварските степи и бескрајните житници на Руското Царство. Вие веќе погодивте: единствените три обединители на Европа во новиот век се Наполеон, Хитлер и НАТО (односно неговиот сопственик САД).

Како Наполеон се справуваше со „варварите од север“

Француската Империја го доживеа својот најголем процут и експанзија под водство на Наполеон Бонапарта, но и пред климаксот на својата моќ Наполеон практично веќе беше загосподарил со поголемиот дел на Европа и прв го обедини континентот. Од Шпанија и Португалија, денешна Белгија и Холандија, до поголемиот дел од Италија и Германија, сè тоа станаа земји на обединетата Европа со Франција на чело. Тогаш во обединета Европа беа и Австриското Царство, и Пруска и Русија, првата и втората како соседи сојузници, а третата како подалечен сојузник со кој Наполеон немаше никакви територијални или други спорови.
Кога Наполеон тргна „да ѝ одржи лекција на Русија“ 1812 година (поради руското неприфаќање на „континенталната блокада“ што Наполеон ѝ ја наметна на Велика Британија), тој ја собра дотогаш најголемата војска во историјата на Европа, што досегна бројка од 650.000 војници. Војската се состоеше од единици и формации буквално од сите краишта на Европа: „Тоа беше најшарената војска уште од времињата на Крстоносните војни“. Походот почна во јуни, како и сите походи на Русија, веднаш по завршувањето на легендарната руска пролетна „распатица“, а Наполеон, веќе на руска земја, во која длабоко продираше без битка, изјави: „Дојдов тука еднаш за сите времиња да се пресметам со варварите од север. (…) Мораме да ги отфрлиме далеку на мраз, така што следните 25 години нема да дојдат во искушение да се занимаваат со работите на цивилизирана Европа“. Како завршил европскиот поход на Москва под Наполеоновото водство е веќе општопозната школска скаска.

Хитлеровото обединување на Европа

Хитлеровото обединување на Европа е, исто така, изведено со исклучително вешта и безмилосна комбинација на дипломатски маневри, ветувања и закани, сојузнички пактови, анексии и брутални и молскавични освојувачки војни. До походот против Советскиот Сојуз во јуни 1941 година, Хитлер за својата кауза ја беше обединил целата Европа, освен Велика Британија, практично целата денешна Европска Унија, при што некои земји беа фашистички држави, некои станаа фашистички држави кога пристапија кон Тројниот пакт, сите други што беа воено поразени или окупирани без отпор добија домашни фашистички режими, а Шведска, Финска и Швајцарија што прогласија неутралност, здушно со сите свои стопански капацитети работеа за Хитлеровата воена машина.
Активните членки на Хитлеровиот пакт што со армии заедно го нападнаа Советскиот Сојуз беа Германија, Италија, Унгарија, Романија и Словачка, а Финска асистираше воено во затворањето на обрачот на најголемата и најсмртоносна опсада на град во историјата – опсадата на Ленинград. Советскиот Сојуз го нападна армија од три милиони војници и илјадници тенкови, авиони и артилериски цевки. Од самиот почеток на кампањата за заземање на Москва, меѓутоа, учество земаа и доброволни легии, дивизии и корпуси од сите европски нации, а германската војска и есес-дивизиите се формираа, полнеа и обновуваа од страна на украинските доброволци и заробените војници на Црвената армија од украинско потекло (дури еден милион Украинци се бореа против Советскиот Сојуз во униформа на Вермахтот или на есес-формациите), но со нив беа и многу други етнички воени фомации. Холандската Вафен есес-дивизија, данската доброволечка есес-дивизија, злогласната Сина шпанска дивизија, украинската Вафен есес-Галициска дивизија, Хрватската легија од НДХ, Норвешката Вафен есес-легија и на крајот – но не и последна, зашто ги имаше многу повеќе – францускиот доброволечки корпус, познат како Шарлемањ дивизија што броеше дури 10.000 војници и се прослави на крајот на војната, очајнички бранејќи го Берлин и Хитлеровото подземно дувло, до самиот ден на капитулацијата на Германија.
Но, Хитлер ја обедини нацистичка и фашистичка Европа околу една сосем нова и зловеста идеја: тоа не беше Наполеоновото „цивилизирање“ на словенските варвари, туку нивно истребување. Во походот на Москва, Хитлеровата Европа требаше да го реши својот проблем на „житото и лебот“ или „животниот простор“. Според зборовите на Гебелс, целта на походот на Москва беше освојување на „непрегледните полиња на истокот полни со златно класје жито, доволно – и повеќе од доволно – за да го ранат нашиот народ и целата Европа“. Хитлеровиот план беше да „ја збрише Москва од лицето на земјата“, да ја претвори Украина и јужна Русија во житница на Европа во која ќе работат 30 милиони славјански робови на кои ќе им биде дозволено да живеат, додека другите жители на 194 милионскиот Советски Сојуз ќе бидат изгладнувани до смрт и биолошки истребени.
За среќа, Хитлеровиот поход на Москва заврши слично како и Наполеоновиот: до декември 1941, кога Црвената армија изврши противнапад и ја отфрли Хитлеровата солдатеска 100 километри наназад, кршејќи и ја кичмата засекогаш, европската величествена шарена фашистичка армија изгуби дури милион војници. Германија ја изгуби војната уште во декември 1941, но тоа тогаш (но и денес!) само малкумина го знаеја. Војната на Европа против Советскиот Сојуз траеше уште три и пол години и однесе незамисливо голем број човечки животи. Само Советскиот Сојуз имаше загубено 11 милиони војници, а европските цивилизатори убија – со огин и меч, како и со безмилосно изгладнување – уште 16 милиони цивили, жени, мажи и деца. Русија никогаш не се опраи од својата епска победа над европскиот фашизам, но Европа затоа лесно и восхитувачки темелно ги заборави своите злостори во Русија, Украина и Белорусија (исто како и фактот дека Хитлер и европскиот фашизам беше победен безмалку исцело од Црвената армија, а не од земјите што деновиве без Русија го слават денот на победата).

Походот на американската империја

Овој окрепнувачки заборав го овозможи и последниов поход на Москва, овојпат предводен од американската империја која загосподари со планетата по самоурушувањето на Советскиот Сојуз. Походот беше објавен уште во 90-ите, кога Атлантскиот сојуз реши да се шири кон Балтикот, кон Јадран и Црното Море, бесно реализиран со бомбардирањето на Југославија и инвазијата на Косово, и конечно, кога 2008 година ја посака и украинската житница и кога 2014 го оркестрираше државниот удар во Украина и воспоставувањето на денешната марионетска власт. И да скратам, да не трошам зборови за нешто што ни се случува пред очите: борбите помеѓу НАТО и Русија се случуваат безмалку на истата линија на судирот како и во 1941. А, кој мисли дека Русија ги заборави своите 27 милиони загинати души, и дека ќе дозволи борбите повторно да се водат на нејзина територија, тој е тешка будала со мозок колку зрно грашок. За жал, грашкоумните денес се лидери безмалку на сите НАТО-земји и нивните мазни топчести мозочиња никогаш нема да сфатат дека Русите ширењето на НАТО кон нивната земја и воениот ангажман на Западот во Украина го сметаат за уште еден европски „цивилизаторски“ поход кон „варварската“ Москва. Затоа и не можат да го восприемат римувањето на историјата, и си играат руски рулет со револвер со полн барабан куршуми. При што залогот, се разбира, е само опстанокот на светот.

(Авторот е архитект и универзитетски професор)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот