Темниот облак на непредвидливото минато

мирослав грчев
Мирослав Грчев. / Фото: Приватна архива

Непогрешен знак дека се случуваат длабоки геополитички промени, дури и кога тие не се проследени со револуции или војни од висок интензитет, е кога ќе забележите дека историјата станува актуелна тема, а нејзиното менување почнува да ги полни и дневните вести.

Една стара советска дисидентска шега гласи: „иднината е позната и сигурна; минатото е тоа што е непредвидливо и променливо“. Шегата виспрено и со малку зборови ја опишува суштината на револуционерните режими, односно на нивната темелна амбиција да го сменат целиот светоглед на луѓето под нивна власт. Оваа шега е безброј пати злоупотребена за отсликување на советскиот комунизам и до денес се користи за неселективно озлогласување на природата на сите комунистички режими.

Таа, меѓутоа, има универзална и севременска примена, зашто прекројувањето на историјата е една од најприменуваните методи за обезбедувањето на колективниот идентитет на луѓето, како и за оправдување на власта и на државата со нивното вкоренување во минатото. Ревизија на историјата здушно правеа и египетските фараони и римските цезари, кралевите и царевите во сите времиња, автократските но и демократските власти во 20 век, а гледаме дека последниве децении реинтерпретацијата на историјата е една од најважните активности и на целата планета.

Целта на новата историја е иднината

Но, повторното пишување на историјата е секогаш темен облак на небото, зашто навестува дека силите што стојат зад овие промени всушност сакаат да ја преобликуваат иднината и да ги сменат сите материјални аспекти на животот. Историчарот Макферсон со јасен научен и професионален увид во овие зловести знаци укажува дека „искривоколчените интерпретации на минатото секогаш им служат на партиските или на идеолошките цели во сегашноста“, коишто, се разбира, целат да ја сменат и иднината.

Џорџ Орвел оваа темелна агресија врз човечките умови и судбини ја довел до пароксизам во својата дистопија „1984“, каде ја опишува основната дејност на Министерството на вистината во замисленото тоталитарно општество – да ја пишува историјата одново и одново, секој божји ден.

Посегањето по минатото и ревизија на историјата е всушност нешто што се случува цело време, само што интензитетот, обемот и длабочината на овие аспирации и зафати зависи од темпото и тектонската енергија на геополитичките промени што се случуваат „на теренот“.

Така, времињата кога луѓето живеат во мир и хармонија секогаш се времиња на стабилна и навидум непроменлива историја, времиња кога повеќе генерации можат да имаат безмалку исти колективни сеќавања и да одгледуваат ист историски наратив. Од друга страна, пак, непогрешен знак дека се случуваат длабоки геополитички промени, дури и кога тие не се проследени со револуции или војни од висок интензитет, е кога ќе забележите дека историјата станува актуелна тема, а нејзиното менување почнува да ги полни и дневните вести.

Вмровската контрареволуција што почна пред три децении и го досегна својот најсилен интензитет во мрачната деценија од власта на ВМРО-ДПМНЕ од 2006 до 2017 година, од корен го смени функционирањето на македонското општество токму со нивното легитимирање во потполно нова, перверзна и зла, профашистичка и ретроградна историја. Со новата зловеста историја автоматски ни беше наметнат и новоизмислен и малоумен национален идентитет, чиишто идоли во форма на кичерски ретро-згради и чудовишни споменици го узурпираа целиот јавен простор во центарот на Скопје.

Но, иако на своја кожа осетивме како менувањето на историскиот наратив задолжително оди и со заземање на татковината, и со заробување на институциите на државата, како и со ограбување на општите добра и вистински културоцид, македонската јавност – колективната свест и совест, ако така можеме да ја наречеме – практично не ја разбра длабочинската врска помеѓу менувањето на историскиот наратив и завладејувањето и поробувањето. Колку и да ни е очигледно – зашто нам лично ни се тресна в лице, а симболите на фашизмот уште ни зрачат од центарот на престолнината – не успеавме да сфатиме дека насилството на фашизмот е симболично, врската помеѓу крвта и земјата е митолошка, но неизбежните последични освојувања, поробувања и грабежи се материјални и стварни.

Бугарските барања како нацистичките бладања

И, бидејќи најочебијните вистини се најчесто и најтешко согледливи – веројатно поради нивната баналност и сеприсутност – ќе укажам на највулгарниот и најчесто спомнуваниот пример за нуклеарната врска помеѓу митот, симболиката на минатото, историското простирање на крвта и територијалните освојувања. Тоа се, вие веќе погодивте, нацистичките соништа за североисточната германска генеза и простирање на тевтонскиот дух, за животниот простор на ариевската раса излезена од длабочините на измислената историја – или, поточно, од бездните на нарушениот ум – што беа операционализирани во тезата за крвта и земјата (blut und bodden) и за источноевропските територии на идниот германски животен простор (lebensraum) и потем претворени во најголемиот злостор и гибел во човечката историја.

Она што им е на сите познато од средношколски клупи – и воедно заборавено – е дека нацистичките освојувања почнаа 1938 и продолжија до есента 1939, до почетокот на Втората светска војна, со Хитлеровото повикување дека се кршат човечките права на германските малцинства во соседните земји, како и на историското право на германскиот народ на сите земји во коишто живее. Анексијата на Австрија, потоа освојувањето и присоединувањето на териториите на Чехословачка каде што живееја судетските Германци, и на крајот освојувањето на териториите на историска Прусија, што останаа во Полска, несопирливо следеа по историските побарувања.

Од овој учебнички пример – и од многу други, се разбира – секому би требало да му е јасно дека кога една земја ја користи својата политичка или воена или економска предност на посилен, за да и замерува на послабата соседна земја за положбата на нејзиното малцинство, а особено доколку има замерки на соседовиот историски наратив, тоа е секогаш, без ниту еден исклучок, задолжително територијална и освојувачка аспирација и закана.

Променливата историја така неизбежно води кон промена или на режимот или на територијата или на статусот и егзистенцијата на земјата врз којашто историскиот инженеринг се изведува. Тоа е невидливиот „слон во собата“ на бугарското вето и на нивните злонамерни барања во форма на државно уценување со европски мур. Се разбира дека на Македонија не ѝ се заканува анексија од хитлеровски тип, но не смееме да заборавиме дека природата на бугарските барања е суштински идентична со нацистичките историски бладања за германската етногенеза, за историските права на митските територии на ариевската раса и човечките права на нивните малцинства. Оваа зловеста природа на бугарските барања е документирана во нивниот малоумен Објаснувачки меморандум, кој пак хитлеровски искрено ги објаснува содржините на резолуцијата зад којашто застана целото бугарско собрание. Иако се ова акти на бившата влада и собраниски состав, од новата благонадежна бугарска влада и од собранието не слушнавме ниту глас оградување од тие резолутни и дополнително „објаснети“ закани.

И така, во очи на историската посета на бугарскиот премиер на нашата земја им посакувам на нашиот нов премиер и на неговиот бугарски колега, пријателски, конструктивни и плодни, разрешувачки разговори, што ќе го отстранат бугарското вето и ќе ги зближат двете земји и двата народа. Но, од особена важност за нашата страна е во тие пријателски разговори никогаш да не ја заборави непријателската природа, мотивите и аспирациите зад бугарското вето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот