Темелковски даваше отчет и објасни зошто доцни изградбата на поликлиниката во Расадник што ја вети

Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

За две години во Кисела Вода асфалтирани се улици во должина од 10 километри, а поплочени со павер елементи се улици во должина од 13 километри. Изградена е водоводна мрежа во должина од два километри, фекална канализациска мрежа во должина од еден километар, а се гради и атмосферска мрежа во должина од 5,2 километри. Изградени се и повеќе нови детски игралишта со реквизити, санирани се сите постојни детски и спортски игралишта, а големи реконструктивни зафати се одвиваа во речиси сите училишни објекти и градинки, рече денеска градоначалникот Филип Темелковски, давајќи отчет за сработеното во двегодишниот мандат.

Тој изрази жалење што и во 21 век се уште се зборува за изградба на атмосферска канализација и вети дека ќе се заложи до крајот на мандатот да има фекална канализациска мрежа во сите населени места.

– Реконструирани се повеќе улици и нивни краци, меѓу кои „Сердарот”, „Саса” 32 во Пинтија, „Студеничанска”, „Иван Козаров” новопроектирана, крак на „Христо Татарчев”, „Славка Динкова”, „Саса 2″, пет крака од улицата „Малешевска”…Исто така во завршна фаза е реализацијата на капиталниот проект преку кој Општината гради атмосферска канализација во должина од 5.200 метри на улиците во населбата Пржино, а со тоа се подобруваат условите за живот на околу 3.500 жители – нагласи Темелковски.

– Интензивно се работеше и на зголемување на процентот на зелени површини во Општина Кисела Вода. На местото од некогашната депонија на улица „Герника” е изграден нов парк, уредено е парковското зеленило на улицата „Киро Фетак”, довршен е Паркот на бранителите и извршено е негово хортикултурно уредување – рече Темелковски.

Тој апелираше да се чуваат парковите и детските игралишта. Додаде дека реализирале повеќе еколошки акции, засадиле дрвца низ целата општина, а изработен е и Катастар на загадувачи од Општина Кисела Вода.

Од идните големи проекти Темелковски ги издвои изградбите на две нови градинки, една во Драчево, за која има добиено грант од Министерството за труд и социјална политика, и втора, која општината самостојно ќе ја гради во населбата 11 Октомври згради, која ќе има површина од 1.200 квадратни метри и капацитет за 200 деца, како и изградбата на Поликлиника, која им беше ветена на граѓаните уште за време на предизборната кампања.

– Изградбата на поликлиниката ќе започне веднаш штом се изгласа новиот ДУП, а до крајот на мандатот очекувам истата да биде изградена. Донесувањето на ДУП-от се одолговлекува поради големината на површината (110.000 хектари), но и поради законските пречки поради не функционирањето на општините во 2016 година, пред одржувањето на локалните избори – објасни Темелковски.

Од идните проекти, Темелковски најави дека веќе е распишан тендер за избор на фирма изведувач за реконструкцијата на патот кон верско-рекреативниот центар „Три круши”, кој ќе добие и целосно ново осветлување.

Доделени се преку 700 ваучери за новороденчињата од Општина Кисела Вода. Обезбедено е и огревно дрво за социјално ранливите семејства, решени  се 8.859 предмети за легализација на дивоградби.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот