Тематската изложба „Современа скулптура“ на ДЛУМ ќе биде поставена во „Арт хаб“ во ГТЦ

Изложбата „Современа скулптура“ ја сочинуваат 22 дела од 19 автори

Изложбата со наслов „Современа скулптура“ на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) ќе биде отворена на 23 март (четврток) 2023 година, во Уметничкиот центар „Арт хаб“ (ГТЦ, 2 кат, локал 306) во Скопје, со почеток во 20 часот.

Оваа изложба на ДЛУМ е дел од програмските активности и е можност за групно претставување на поновите истражувања и идеи во рамки на современата скулптура. Уметниците истражуваат и експериментираат низ формата и изразот, а нивните креативни авантури се материјализираат преку финалниот облик на идејата.

Низ делата се забележува класична употреба на материјали во процесот на лиење (бронза, алуминиум), обликување на метал (инокс), комбинирани техники во метал, жица, обработка на мермер и дрво, но и бетон, пластика, текстил, готови предмети, еколошки пристап на рециклирање и други материјали.

Поставката на изложбата ја сочинуваат 22 дела од 19 автори: Гордана Петрова, Димитар Филиповски, Нела Јанковска, Стефан Јакимовски, Слободан Милошески, Стефан Анчевски, Озбет Ајваз, Марјана Костојчиновска Узунчева, Златко Бојковски, Анѓел Димовски Чауш, Тања Миљоска, Душан Ѓоргиевски, Ненад Тонкин, Синиша Новески, Сашо Саздовски, Маја Танева, Никола Смилков.

Во чест на наградата „Боро Митриќески“, поставено е и дело на еден од доајените на современата скулптура, Боро Митриќески, а во изборот е вклучено и дело на керамичарот Боро Новаковски.

Секоја година семејството Митриќески доделува награда за најдобра скулптура, којашто ќе биде соопштена на отворањето на изложбата.

Изложбата ќе ја отвори претседателката на ДЛУМ, Јана Манева-Чупоска, а истата се реализира со финансиска поддршка на Министерството за култура и во соработка со Уметничкиот центар „Арт хаб“ во ГТЦ.

Сите љубители на уметноста изложбата ќе може да ја разгледаат до 1 април 2023 година, во работното време на галеријата од 11-18 часот, известија од ДЛУМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот