Телефонски рекетари

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Во бескрајната низа на „поздрави и честитки“ што меѓусебно во последните триесетина години неуморно си ги праќаат една сурија бивши, сегашни и идни структури од македонското удбашко и квазиполитичко, криминално подземје, на само два дена пред изборите се објавија четири „нови бомби“ од прислушувани разговори, досега непознати за јавноста.

Како што доликува на кафеанската збирка на ликови кои стојат зад оваа афера, објавата е направена анонимно, под некакви псевдоними, а за на целата драмолетка да ѝ се вдахне дополнителна источна опскурност, публикацијата е направено преку руската социјална мрежа „вконтакте“, небаре зад неа стојат сериозни меѓународни разузнавачки операции. Под кодно име: „Шио ми га Ѓуро“.

Во содржината на овие разговори нема ништо значајно и од јавен интерес што може да се доведе во врска со изборите. Во нив говорат познати ликови кои се секогаш згодни за морално-политичка компромитација, мотивирано од колекција на злобни историски и актуелни причини. Во мизерната култура на Фејсбук-воајеризмот, тоа би се третирало како просечна забава за народ.

Но, моментот е избран предизборно, за да се привлече поголемо внимание во испраќањето на јасната порака: располагаме со квантум на прислушувани разговори од кои можеме да извадиме што и кога сакаме – упатствата за исплатата на рекетот следуваат подоцна.

Целата скопска чаршија, вклучително и сите надлежни органи за законски прогон, знае кои се неколкуте пропалитети кои стојат зад овие манипулации и уцени. На еден од тие криминогени маргиналци во август месец 2017 година, по барање на СЈО, му упаднаа на претрес дома и во просториите на работа, при што му одземаа некакви хард-дискови на кои, наводно, биле зачувани стотици илјади прислушувани разговори, до тогаш непознати за ова Обвинителство. И, го држеа на распит во полициска станица и во СЈО цели 20 часа, за потоа тој од таму да си замина како слободен човек, дури заканувајќи им се јавно на обвинителите и на некои полициски и политички функционери дека ќе им се одмазди со објавување на уште прислушувани разговори.

Ете, очигледно – или, поточно, увослушно – со такви разговори тој (или некој од неговото политикантско окружување) навистина уште и располага.

Во април месец 2018 година, пак, против истиот лик – на барање од Латас! – беше отворена и предистражна постапка во СЈО, но до денеска нема информации дали и што се има откриено во таа предистрага.

Во меѓувреме, морално-политичкиов деликвент, со политичка тежина на ветрушка, кој поседува и некаква партија, го фатија како, импровизантски, шурува со еден сличен, ама малку покрупен руски шалабајзер и милитант, Андреј Родионов, кој со години – кога не е на боиштата на руската страна од линијата на фронтот во отцепените делови на Украина – го шпарта Балканот, со посети и во Македонија, барајќи локални доброволци за ширење на милитантните антизападни, панславјански политички проекти. Демократија, што да се прави…

Но, вистинското прашање не е врзано за уличариве за кои овдека станува збор – прашањето е зошто безбедносните и обвинителските структури, надлежни за справување со овој пропишан криминал во важечкиот Кривичен законик, а и во Законот за СЈО, сето ова го толерираат?

Или да почнеме да веруваме дека оваа негибната банда навистина поседува прислушувани компромати кои го засегаат и јавниот интерес, па со уцена за нивно објавување си ја обезбедуваат, а можеби и си ја развиваат слободата на својот дух и тело? Но, ако е така, тогаш тоа треба да е уште поголем поттик за делување на органите за прогон за да се процесуираат евентуалните индиции за незаконски дејанија со кои располагаат овие телефонски рекетари.

Па, можеби е дојдено време да земе некој, да се зафати, и по име и презиме медиумски да ја раскаже целата приказна, па кому како ќе му се западне…

Извор: Цивил Медиа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот