Телефонски разговор Радев – Блинкен, меѓу темите и Македонија

Претседателот на Бугарија Румен Радев оствари телефонски разговор со американскиот државен секретар Ентони Бликен, по иницијатива на шефот на дипломатијата на САД, јави дописникот на МИА од Софија.

За време на разговорот, беа дискутирани различни теми, вклучително и стратешкото партнерство меѓу Бугарија и САД, санкциите според Глобалниот акт „Магнитски” против бугарски поединци и компании, соработката во областа на безбедноста и одбраната, закрепнувањето од пандемијата на коронавирусот и евроинтеграциите на Република Северна Македонија и Албанија.

Државниот секретар на САД изрази надеж за забрзување на процесот на европска интеграција за Северна Македонија, при што двајцата соговорници истакнаа заеднички став дека ова е во интерес на стабилноста и безбедноста не само во регионот, туку и во Европа. За време на разговорот, Радев потсети на постојаната поддршка на Бугарија за членство на Република Северна Македонија и повика на постигнување одржливи и неповратни резултати во градењето добрососедски односи.

Претседателот на Бугарија Румен Радев ги дефинираше наметнатите санкции според глобалниот закон „Магнитски” како силен знак за поддршка на аспирацијата на бугарските граѓани за воспоставување демократија, правда и транспарентност. Од своја страна, Ентони Блинкен рече дека ова е придонес на САД во борбата против корупцијата, како и во зајакнувањето на демократијата и унапредувањето на потенцијалот на бугарската економија.

Радев го пофали билатералното партнерство во одбраната и повика на зголемена индустриска соработка во оваа област. Беше потенцирано долгорочното партнерство во модернизацијата на бугарската армија, вклучително и преку воведување модели на модерна воена обука. Блинкен, исто така, го истакна придонесот на Бугарија во стратегијата НАТО 2030 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот