Телата на настраданите во сообраќајната несреќа во Бугарија пристигнаа дома: „За оваа болка нема утеха“

тела починати аеродром
На Скопскиот аеродром пристигнаа останките на загинатите во автобуската несреќа/ Foto: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Семејствата што дојдоа на скопскиот аеродром беа во шок, неверување и солзи додека македонските војници ги пренесуваа со највисоки државни почести посмртните останки во погребалните возила.

Во мачна и траорна атмосфера, по тмурно и облачно време, со државни почести и во присуство на највисокиот државен врв, вчера на Меѓународниот аеродром „Скопје“ семејствата и роднините ги презедоа посмртните останки на 45-те жртви на трагичната сообраќајна несреќа што се случи пред десет дена во Бугарија, кога македонски автобус на враќање од Турција удри во банкина и изгоре на автопатот Струма, на релацијата Софија-Перник.

Телата на настраданите беа транспортирани од Софија со два бугарски воени авиони, чие полетување доцнеше поради лошите временски услови на софискиот аеродром. На скопскиот аеродром припадници на Армијата ги презедоа посмртните останки од авионите и ги пренесоа до возилата на погребното претпријатие „Бутел“, со кои потоа поворката тргна кон вечните почивалишта на загинатите.

Семејствата што дојдоа на скопскиот аеродром беа во шок, неверување и солзи додека македонските војници ги пренесуваа со највисоки државни почести посмртните останки во погребалните возила. Дамир Османов, чиишто ќерка и сопруга загинале во автобусот, вели дека ништо не може да ја намали неговата жалост и загуба. Низ солзи раскажа дека неговата ќерка во Турција заминала за да купи чеиз за свадба.

– Ќерка ми се подготвуваше за свадба, во април ни беше закажана. Требаше да живее во Америка. Утрото на 23 ноември станав рано за да одам на автобуска да ги пречекам. Тогаш ми се јави другата ќерка да ми каже дека имало несреќа. Јас се обидуваа да дознаам дали автобусот со кој патуваа жена ми и ќерката е тој што се запалил, бев во неизвесност, многу ми беше тешко. Откако дознав дека тој е автобусот, повторно бев во неизвесност, бидејќи не знаев дали се моите меѓу загинатите или меѓу тие што успеале да се спасат. За оваа болка нема утеха. Јас имам уште три ќерки и син, ама за болката нема утеха. Можам само да кажам дека таква била волјата Господова – изјави Османов за „Слободен печат“.

Преземањето на останките почна со едноминутно молчење на присутните. На скопскиот аеродром по овој повод беше организирана посебна церемонија на која присуствуваа државниот и воениот врв, пратеници, претставници на верските заедници, како и високи делегации од Косово и од Албанија. Последна почит на загинатите им оддадоа претседателот на државата Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери и премиерот Зоран Заев. Венци положија и претседателката на Косово Вјоса Османи, претседателката на албанското Собрание Линдита Никола, министерот за внатрешни работи на Албанија Бленди Чучи и други.

Во знак на почит се поклонија и бугарскиот амбасадор во земјава Ангел Ангелов, првиот вицепремиер Артан Груби, министерот Бујар Османи, како и претседателот на ДУИ, Али Ахмети.

Почит на загинатите можеа да им оддадат и граѓаните на плоштадот „Скендербег“ во Скопје каде што беа поставени венци со цвеќе. На барање на семејствата на загинатите беше откажана најавената церемонија според која поворката со посмртните останки требаше да помине низ главниот град за да можат граѓаните да се простат од починатите. Нашиот соговорник Османов вели дека е добро што поворката е откажана по барањето на роднините на починатите. Роднините на жртвите побарале телата на загинатите што поскоро да бидат примени во нивните домови, пред петочната молитва, за да се изврши нивното погребување по оваа молитва, според обичаите.

Во скопската чаршија вчера владееше молк. Тишината зборуваше сама за себе за тагата за оваа голема загуба, додека поголемо раздвижување на граѓаните не се забележуваше. Поради верските норми и обичаи на исламската вероисповед, но и поради промената на програмата за приемот на покојните, за попладнето не се очекуваше големо учество на граѓаните во оваа активност.

Сообраќајната несреќа се случи на 23 ноември, на автопатот Струма во близина на градот Перник во Бугарија, кога автобусот на „Беса транс“ – Скопје се враќал од Истанбул. Загинаа 45 лица, а седуммина беа повредени.

ВМРО-ДПМНЕ: Невкусна промоција во траорен миг

Денес власта на срамен, недоличен и нечовечки пристап прави церемонија со пренос во живо од транспортот на починатите. Згрозени сме, наместо да покажат почит кон починатите, Забрчанец не се воздржува од себепромоција, па на социјалните мрежи објавува фотографии со наслов: „Одиме во живо наскоро“. Ова е невкусно, во ваков траурен миг не треба да се размислува за промоција туку потребна е одговорност – реагираше вчера ВМРО-ДПМНЕ.

– Нема никаков одговор за автобуската несреќа, сè уште се обидуваат да ја зачуваат власта преку одржување на нивната неспособна коалиција, а бугарските власти веќе дадоа првични информации по спроведената истрага – изјави портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот