Текстови за политичарење и „црвенобанисување“

Ненад Јовановиќ. / Фото: Архива

Во овој број ќе ви ја претставам книгата „Пушачи на црвениот бан“, збирка текстови и колумни на Светислав Басара, создавани од 2012 до 2017 година. И сега, ако мене ме прашате, тоа е едно литературно сведоштво за менталитетот и идентитетот на овие наши народи и народности, нивното подаништво и табиет на овдешните водачи.  Оваа журналистичка проза ми ја донесе од Белград мојата пријателка Марина Мици Трајкова (да е жива и здрава, голема убавина ми направи!), активистка што се занимава со родовите прашања.

Верувам дека вие сите знаете кој е Светислав Басара и верувам дека сите ги читате неговите текстови во белградскиот „Данас“. Би рекол дека оваа книга е мало богатство, текстовите се на број 200, што значи дека не мора да ги имате сите броеви на „Данас“, можете да ја имате оваа книга.

Басара пишува десет години дневни колумни за „Данас“, а тоа е многу специфична работа, па слободно би можело да се каже: Басара создаде посебен, само нему својствен писателски свет. Од една страна неговите романи оперираат со реалноста низ неговата „дискурзивна машина“, а од друга страна, во неговите колумни кои третираат некаква општествена реалност, всушност придонесуваат низ неговата дневна колумнистика да се произведе иманентно неговиот препознатлив свет.

Посебни изрази

За оние што не знаат за тој свет, дозволете ми да напишам некои „пластични“ примери. Ако некој првпат ги чита колумните на Басара во „Данас“, тоа ќе претставува проблем бидејќи нема да знае што е „јегосијатељство“ или, пак, нема да знае што му значи метафората „референдумски лопов“… Многу од оние што за првпат го читаат би прашале за каков референдум станува збор и многу од нив би прашале за кој лопов се работи. Ако забележувате, Басара создава свој посебен свет или, пак, кога пишува за белградската доминантно-политичка чаршија, „првата“ и „втората“ Србија, пред сè се однесува на белградската чаршија, таа снобовската и „умната“, продемократската, па еднаш ја нарекува „Еуромахала“, а другата, онаа патриотската ја нарекува „Китајгород“. Всушност, тоа е начинот на кој романсиерот Басара размислува.

Ама сепак, тој успеа своите литерарни импулси и рефлекси природно да ги инкорпорира во своите колумни и читателот што има тренинг со тие негови колумни, се разбира, ужива во тие негови дискурси. Па дури и ако сакате, тука се создава некоја подлабока врска помеѓу писателот и читателот. Сакам да кажам дека во колумните на Басара се раѓа еден „посебен јазик“ помеѓу писателот и читателот – едниот го произведува, а другиот (да се изразам грубо) го „консумира“. Така се создава еден литерарен или новинско-литерарен свет на „фамозно“.

Басара толку многу ги истренирал своите читатели, што под неговите текстови е оставен простор за коментирање, а тој ги нарекува „подфамозен коментарлук“. Прекрасна синтагма што неверојатно ме весели. Басара повремено се кара со своите ликови што сакаат анонимно или со некакви псевдоними, желни да кажат нешто за општеството и за самиот автор. И таквите коментари него го инспирираат, му претставуваат „тригер“ за некоја следна колумна. Колумните на Басара – низ годините – се претворија во посебен жанр. Навистина, не се работи за фактичката состојба дека пишува десет години секој ден, добро, тоа навистина е важно, и навистина нема преседан, бидејќи не постои човек во цела поранешна Југославија што пишува толку многу како што пишува Басара.

Секој ден текст

Басаријанскиот текст е сосема посебна и единствена журналистичко-колумнистичка „нишка“ што постои засебно во целиот медиумски простор. Добро, сега некој може да постави прашање зошто треба да ја читаат таа колумна ако веќе ја читале во „Данас“ (онлајн)? Кога имате собрани текстови на едно место, како еден вид континуитет, кога се наоѓаат помеѓу исти корици тие дишат на еден поинаков начин. Тие меѓусебно комуницираат без разлика што писателот за тоа иницијално не размислувал. Секој еден што пишува за весник знае дека покрај текстот, важен е и „дедлајнот“.

Ама, ви велам, еден авторски континуитет се гледа тогаш кога ќе ги соберете текстовите на едно место, односно кога авторот ќе го видите „ретроспективно“. И кога ќе видите на каков начин некој ги третира темите, личностите, процесите, феномените, процесите на „долгото траење“ (тоа не може да се види низ еден, два или три текста), тогаш во целост можете да го согледате колку некој автор што се јавува во весник, колку тој има или нема вистинска супстанца. А колку е во суштина „пиротехника“. Мислам дека всушност тука се гледа колкав е авторот и тука се гледа колку книгите-колумни имаат некоја смисла. И низ тие собрани текстови во книга може многу да се види, кој е кој, и што е што.

Затоа оваа книга „Пушачи на црвениот бан“ се покажува како многу јака, книга што вистински го пресликува Басаријанскиот „поглед на светот“. Се гледаме во септември.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот