Техничка влада или технички нокаут

Мислам дека минатата недела, на веста дека Македонија ќе добие уште една техничка влада, планетава земја доби тахикардија. Таа прекрасна природа, тој „Бисер на Балканите“, тоа скришно местенце што си го чуваше за китење, повторно е нападнато од бактерија. Бактеријата од родот кој на латински се вика импруденција, кај нас, во локалниот синоним, е попозната како неодговорност.

Дали образованието, културата, но и свеста за човековата околина и еколошкиот индустриски развој повторно ќе доживеат „технички“ нокаут? Технички, ако се земат предвид досегашните дејанија на „техничките“ влади, испаѓа дека тоа е неминовност.

Е, сега, имаме две можности, што би рекол Пауло Коелјо. Едната е да „Седнеме покрај реката Педра и да плачеме“. По тоа сме и онака познати, особено по меѓународни институции и социјални мрежи. Воедно, ова е лесно остварливо, таканаречено „линијата на помал отпор“ решение.

Втората можност е прилично „алхемичарска“ стратегија. Идејата е, според принципите на Индустриската екологија, да се искористи вишокот и отпадот од еден „процес“ за да се нахрани или снабди друг „процес“. Во превод, неодговорноста на активните политички субјекти од типот: „сега нема за мене, ама нема ни за тебе“, може да ја претвориме во „сега нема за мене, ама има за сите“.

Колку ли марксистички да звучи оваа теза, таа во еден „технички“ пристојно краток рок може да донесе придобивка и свест за самостоен и одржлив развој не само на целата нација, туку и на самите партии „техничари“. И тука воопшто немам намера да се осврнувам на „владеењето на правото“, кое сè уште реално е „ствар на договор“, туку на „останатите“ насоки кои го чинат нашето секојдневно преживување. Сакам да зборувам за целите на Обединетите Нации за самоодржлив развој и нивно усвојување како „Национална стратегија“ до 2030 година, како што предвидело „глобалното здружение“.

Целите, кои се вкупно седумнаесет на број, во една реченица би се содржале во адаптација на мислата на Никола Тесла, која вели: „да направиме чиста енергија, вода, воздух, флора и фауна во рамките на еден здрав, недискриминиран, пристоен и мирен живот“. Сигурен сум дека најголемиот дел од оваа максима се содржи и во статутите на сите политички субјекти и во оваа држава, па затоа сметам дека усвојување на една „ваква“ национална стратегија би донело придобивка и на земјата и на засегнатите политички „играчи“.

Во времето во кое лажните вести и ветувања девалвираат по сите шевови и во кое светот (па и Европа) се врти кон своите локални проблеми, играњето на „локалната“ карта сè повеќе добива на значење. Самото „техничко“ учество во власта, „технички“, може да придонесе за едукација и развој. Па така, „технички“, освен „Национална стратегија за самоодржлив развој“, може да се едуцираат главните играчи, а тоа се баш луѓето кои владеат и ни ги кројат законите и животите. Едноставно, и без да го променат својот вообичаен хејтерски наратив, можат „технички“ да си отворат нови полиња за натпревар во кои вистински ќе се „натпреваруваат“ во една пристоен натпревар во кој „домашните“ ќе бидат задоволни од резултатот, колку и да бил нерешен.

„Технички“, една ваква „Техничка влада“ би можела да предложи серија закони кои лесно ќе ги одобри „вистинското“ парламентарно мнозинство, па ние ќе можеме да ги забрзаме и развојните и интегративните процеси и да го превртиме децелерацискиот процес кој предолго трае.

Преминот кон „зелена“ економија веројатно би бил огромна придобивка со која би сакале да се „пофалат“ сите играчи. „Технички“ и ќе може да се пофалат поради тоа што „технички“ тоа би бил заеднички проект на сите. Воедно, „технички“ би ни се подобриле и условите за живот, би го исчистиле воздухот, а еден убав ден и сите води, вклучувајќи го и Охридското Езеро.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот