Техеран му замерува на Бајден дека бара исто како и Трамп за нуклеарната програма

Али Хамнеи / Фото: Архива на „Слободен печат“

Иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи, денеска го обвини американскиот претседател Џозеф Бајден дека има исти барања за иранската нуклеарна програма како и неговиот претходник, Доналд Трамп.

– Сегашната американска влада не се разликува од претходната, бидејќи она што го бара од Иран за нуклеарното прашање е исто како и Трамп, рече ајатолахот.

Ајатолахот ова го изјави додека западните земји, Русија и Кина од крајот на јуни чекаат знак за подготвеност на Техеран да ги продолжи преговорите започнати во Виена во април со цел заживување на меѓународниот договор за нуклеарната програма.

– Што се однесува до нуклеарното прашање, Американците навистина не покажуваат ни трошка срам. Иако се повлекоа од договорот, сега зборуваат за поставување барања како Иран да се повлекол од тој договор, додаде ајатолахот.

Договорот за иранската нуклеарна програма, официјално наречен Заеднички сеопфатен акциски план (JCPOA), беше потпишан во Виена во јули 2015 година од Иран и „Групата 5 плус 1″, која се состоеше од пет постојани членки на Советот за безбедност на ОН (Кина, Франција, Русија, Велика Британија, САД) и Германија, како потписничка во име на ЕУ.

Велика Британија, Кина, Германија, Франција, Русија и Иран почнаа состаноци во Виена во април, со индиректно учество на САД, со цел да се обидат да го оживеат договорот.

Во 2018 година, Трамп ги повлече САД од договорот и воведе санкции против Иран, додека Иран, како одговор, почна да ги занемарува своите обврски согласно договорот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот