„Теглите за бакшиш“ сè попразни, се размислува за задолжителна цена на услугата?

img alt
Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Пандемијата жестоко удри врз угостителскиот сектор, а со последните антиковид мерки,  во кафеаните се маткаат повеќе келнери отколку гости. Од донесувањето на мерката за влез во угостителски објекти само на вакцинирани посетители, приходите на угостителите им се намалени од 50 до 70 отсто. А, штом нема масовна посетеност, тоа значи дека и напојницата е сведена на минимум.

За волја на вистината, ваквата награда во земјава е на доброволна основа и зависи од задоволството на муштеријата, но некогаш, потсетуваат угостителите, бакшишот знаел да биде повисок и од направениот цех. Наградата треба да се остави на добрата волја на гостите, иако ние неколкупати предлагавме да биде пресметана во цената на услугата, вели за „Слободен печат“ Здравко Јосифовски, претседател на НУК, по неодамнешните информации дека и Србија би можела да се угледа на земјите кои оваа великодушност на клиентите, ја пресметуваат на сметките.

– Нашите предлози се движеа во правец на тоа цената на услугата и сервисот да се пресметуваат во крајниот цех и тој износ да се движи меѓу 5 и 20 отсто. На пример 5 отсто сервис би пресметувале помалите угостителски објекти (кафетерии, слаткарници), а 20 отсто би пресметувале врвните ресторани со врвна услуга и персонал. Кај нас бакшишот треба да остане добра волја и израз на задоволство на гостите. Онака како што сега стојат работите, во некои угостителски објекти бакшишот е индивидуален, односно секој вработен си го зема, или пак групен – го дели целиот персонал на крајот од денот – објаснува Јосифовски.

Само како пример во САД, бакшишот редовно се оданочува, а даночните органи најчесто го одредуваат данокот паушално, односно врз база на очекувањата колку еден вработен би можел да добие бакшиш на своето работно место. Во САД, наградата од 10 отсто би значела дека услугата е катастрофална, а во Велика Британија, бакшишот достигнува од 10 до 15 отсто од сметката, но ако не сте задоволни, не мора да платите ни фунта.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот