Тече Вардар од Миравци кон Катар?

Наместо во приватни џебови, да легнеа парите од трансфери на играчи во клупската каса, Вардар денес немаше да питачи. Од друга страна, пак, на спасителите им остануваше по еден елитен хотел. Само клубот тешко опстанува(ше) во елитата.

Спасот на фудбалскиот клуб Вардар се наѕира, по апелот за помош од навивачката група „Комити“. Спортските портали дознаваат дека скопскиот градоначалник Петре Шилегов отстапил од цврстиот став („најдете два милиона евра и спасете го Вардар“) и организирал средба, на која е договорено како да се „бајпасира“ клупскиот долг. Наводно, помал дел од него е отпишан (60.000 евра за камати кон државното претпријатие, одговорно за стадионот), некои од обврските ќе ги покрие Град Скопје, а газдата (сè уште) Сергеј Самсоненко повторно ветил дека ќе ги исплати играчите.

Со деблокирана сметка и со свежи пари од државните спортски ваучери, клубот треба да продолжи да функционира. Исчистен од дубиози, некогашниот „Вардар од Миравци“, напролет треба да потече кон Катар, богатата земја од каде што се најавува следниот сопственик, кој во наредните 10 години би вложил 50 милиони евра. Рака на срце, и Русинот ветуваше милиони во самсонајт при преземањето, но денес должи милиони. Тајкунот и вложи (изгради сала, академија, спортски центар), но никој не знае колку, ниту некој му побарал отчет. Инвестициите секнаа по промената на власта.

Прочитајте и...  ВИДЕО: Скандал по холандското дерби, навивачите на ПСВ го нападнаа и удрија Тадиќ!

Вардар го спасувале и ќе го спасуваат пратеници, градоначалници… со еден збор, моќници кои ги контролираат јавните претпријатија. А клубот веќе со години е акционерско друштво кое има обврски според закон. Што не важи ниту за него, ниту за сите лажно „приватизирани“ спортски прволигаши (уште еден експеримент од времето на груевизмот), кои се само товар на новите газди – презадолжените општини. Фиктивна трансформација на божемниот врвен домашен спорт. Исклучоците се ретки.

Наместо во приватни џебови, да легнеа во клупската каса сите пари од трансфери на играчи и од други извори, Вардар денес немаше да питачи. Како мираз на „спасителите“,  на двапати им остануваше во наследство елитен хотел. Изграден на темелите на габаритот на ФК Вардар, но денес приватна сопственост. Директори на јавни претпријатија од ВМРО-ДПМНЕ, назначија менаџер, кој направи т.н. Кинески ѕид, среде парк, покрај река, за што беше и осуден. Кога повторно ВМРО-ДПМНЕ му го предаде Вардар на Самсоненко, покрај салата во скопски Аеродром, блесна и хотелот „Русија“, без да ѝ се платат давачки на општината. Хотелите елитни, само Вардар тешко опстанува(ше) во елитата. Да е жив имењакот Вардар од Миравци.

Прочитајте и...  Младите „металци“ немаа решение за мотивираниот Пелистер

Клубот отсекогаш бил во канџите на политиката. Можеби сега е моментот за пресврт. Тешко дека трите вардарови екипи ќе ги постигнеа успесите да не беше проектот државен, што го плаќа(в)ме сите заедно. Само барем да не беше во служба на една партија. Со сите „јавно-приватни партнерства“, всушност, се поткупуваше отворената поддршка кон ВМРО-ДПМНЕ. Во политичките кампањи на Груевски со јавни настапи учествуваше и Самсоненко, па дури и некои ракометари и шпанскиот тренер Раул.

Да се надеваме дека некој Арап, наесен, пред локалните избори, нема да мора да учи три збора на македонски за да се снима во новата кампања – „Гласајте за Шилегов“!

Поврзани вести

ВИДЕО | Митревски: Очекувам успешен попис, ДПМНЕ собира потписи за внатрепартиски потреби

Марина Дамческа

Незадоволствата во ДУИ се лични, не програмски

Дестан Јонузи

Нема ли тајвански вакцини, бидејќи оние од Кина ќе стигнат на кинеско куково лето

Ана Анастасовска

Професор Ивановски: Собирањето и рециклирањето на отпадот е голем потенцијал и нови 2.000 работни места

Марина Дамческа

ВИДЕО | Андоновиќ: Наместо ветената дипломатија Бајден започна да бомбардира

Слободен печат

ВИДЕО | Професор Џукеска: Со предложениот Eтички кодекс се отвора простор раководните лица да се пресметуваат со неистомислениците

Слободен печат

Остави Коментар