Театрологија: Белешки со потрага по театарската вистина

Факултетот за драмски уметности – Скопје ја објави книгата „Театарски белешки“ на режисерот и професор Владо Цветановски, која ја приредиле Јелена Цветановска и Андреј Цветановски, додека дизајнот е на Сергеј Светозарев.

Театарските белешки се избор на ракописи од Дневникот на Владо Цветановски, во кој се втиснати неговите размисли, слики и емоции што го пресретнувале во потрагата по театарската вистина. Тие овозможуваат продлабочен увид во дел од богатиот творечки опус на Владо Цветановски и неговите истражувања на театарскиот јазик. Во таа смисла, книгата е значајна и за проучувањата на македонската театрологија, како и за историјата на македонскиот театар.

Едновремено, белешките, навлегувајќи во сите фази од создавањето на театарска претстава, претставуваат и своевиден патоказ за студенти по театарската уметност, кој може да им биде од полза во процесот на подготвување за нивните професии во областа на театарот. Автори на предговорот и поговорот во книгата се проф. Мими Таневска-Србиновска и Владо Ѓорески-Рафик.

Театарскиот режисер и професор на ФДУ Владо Цветановски (1959-2012) завршил интермедијална режија на Академијата за уметности во Нови Сад, во класата на проф. Боро Драшковиќ, еден од најпознатите режисери во поранешна Југославија. Долги години работеше како професор по Актерска игра на Факултетот за драмски уметности – Скопје. Еден од неговите значајни ангажмани на ФДУ беше и оживувањето на Академската сцена. Има режирано околу педесет претстави во македонските театри и во просторите на поранешна Југославија.

Неговите претстави учествувале на сите позначајни фестивали (Стериино позорје, МЕСС, Војдан Чернодрински, Ристо Шишков), каде високо биле вреднувани. За одбележување се и гостувањата на неговите претстави во Белград, Нови Сад, Софија, Сараево, Париз, Петроград, Каиро, Кан. Режисер е и на играниот филм „Тајната книга“, кој е прикажан на повеќе меѓународни филмски фестивали.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 63, во новогодишниот број на печатеното издание на „Слободен печат“ на 31 декември 2020 – 3 јануари 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот