Театри, протоколи и стапица

Стоиме така пред врата со комшијата Џон и муабетиме. Така ви е тоа тука, се стои пред врата и формираниот кружок, набрзо зголемен со Џени, Кејти и Арчи (сопруга, ќерка и куче), ги разгледува најновите случувања во земјата, светот и соседството, од нога. Се навикнавме на муабет пред врата со соседите, во сите временски услови. Нема тука „ајде комшии, па нема да стоиме надвор, ајде влезете на едно кафе“ (или во случајот англиски – чајче), а можеби и нешто појако. Едно време мислев дека тоа е правопропорционално со степенот на блискоста со соседите. Со Џон се сметаме за  блиски, оставаме клуч да ни ги поливаат цвеќињата и сме оделе на „нешто појако“, во вид на вино. Нивно „Бордо“, наше „Т‘га за Југ“, од последните  резерви. Ама и со блиските соседи, често муабет – надвор. Особено сега, поради короната, дури и препорачаа дека „препорачливо е да се биде надвор“, па си дојдоа Англичаните на своето – ете, ние од Балканот нема да ги озборуваме дека „нѐ држат на дистанца“ оти во право биле, здравјето е во прашање!

Уште сме во Лондон. И ние и тие. Џоновци требаше да одат на нивната фарма во околината на Бордо, во Франција, купена во време на задоцнета хипи-фаза, заедно со моторџијата Мари и уште двајца другари. Другарите се откажаа од францускиот сон, Мари се разведе од сопругата, купи веспа и постојано ме тормози да му најдам „мома Македонка“, а Џон и Џени останаа вљубени во Франција, во Бордо (и градот и виното), во фармата и еден во друг. Еден куп заеднички работи имаме. И нам и ним бродските компании за превоз минатиот месец ни ги откажаа премините преку каналот Ла Манш (не отидовме „преко воде до слободе“),  така што еве нѐ тука, на нога, пред врата, со  психоанализа на добрососедски муабети. Откако со блага загриженост го продискутиравме Арчи и неговата неможност/незнаење да ги „ обележува“ дрвцата и столпчињата со кревање ноџе како вистинско машко куче и констатиравме дека Џон треба да му најде другарче за пример, зашто очигледно не го бива за „учител“, свртевме на полесни теми. Како, на пример, кога последен пат сме биле во централен Лондон, на концерт, театар, пијалак, ручек, вечера… Ама со акцент на уште една наша заедничка љубов – театарот!

Фантомски

Централен Лондон е пуст. Пуста пустелија. Кога бевме последен пат да го посетиме овој култен дел од градот, пред нешто повеќе од два месеца, Вест енд, делот со театри, кафеани, ресторани, бутици и откачени продавнички, беше како град на духовите. А ние тргнавме како да одиме во авантура, со вода, со грицки, со сендвичи, уште двогледи ни фалеа за да ги забележиме евентуално некоја од ретките ѕверки наречени туристи. И видовме со свои очи што направи ковидот од театрите. Денот беше сончев и малку ветровит, па очекувавме секој миг да ги забележиме оние грмушки од пустите градови во каубојските филмови, како се тркалаат од „Ковент гарден“ кон театарот Друри Лејн. Централен Лондон, без театри и публика која во редици чека да влезе, не е истиот, делуваше фантомски. И покрај најавата на владата за фонд од 1,57 милијарди фунти за спас на уметноста, што значи и за театрите, помошта никако да се материјализира. Па така, популарната претстава мјузикл „Фантомот од операта“, која се прикажуваше од 1986 година, со одлука на композиторот сер Андрју Лојд Вебер и сопственикот на осум театри во лондонски Вест енд, Камерон Макинтош, се затвори. Вработените? Се снаоѓаат. Ама не свират и пеат на свадби, сунети, по кафеани и слични собири, зашто е забрането.

Се обидоа театарџиите и властите да видат како би функционирала театарска претстава со протоколи и мерки за заштита. Направија напор, не дека не. Во театарот „Паладиум“ дојдоа државните инспектори, наоколу, на безбедно растојание беа испоседнати  роднини и пријатели на актерите во улога на пробна публика со маски на лицата, а претставници на Англиското јавно здравство од балконите и балкончињата надгледуваа и контролираа дали маските се прописно наместени, да не „туши“ некоја, но клинецот во сандакот на надежта го закова инспекторот кој утврди дека скапо платената корејска машина која создава хигиенска магла – не е хигиенска. И така, останаа Вебер и Макинтош да се чудат што со „Алиса во земјата на чудата“, без да стигнат да се позанимаваат како да се менаџира музиката и протоколите и пејачите да не си се внесуваат еден на друг в лице (и да не си дишат), а  пеењето на актерите да не ги распрсне честичките повеќе  од вториот ред во салата.

Во Вест енд има претстави кои се прикажуваат со години, ако не и со децении. Како на пример „Стапица за глувци“, по текст од Агата Кристи, најдолго прикажуваната претстава на светот која се игра 68 години. Поточно, се играше, па беше прекината поради ковидот, но сега гледам, може да купам билет! И тоа не за 2021 година, како што се рекламираат најголемиот број лондонски театри, туку за  петок, во 19:30. И потоа во сабота, матине од 15:00 и пак вечерта од 19:30! Успех!  Во октомври, 23ти, ама, сепак, ене каде е октомври.

Трилер

Букирајте и купувајте билети со доверба, велат во театарот „Сен Мартинс“, ги следиме сите правила. Сите билети ќе се продаваат преку интернет, со баркод, а театарот ќе биде целосно чистен и дезинфициран по секоја претстава. Редиците со седишта ќе бидат проретчени и секој втор ќе биде отстранет за да има безбедна раздалеченост, па капацитетот ќе биде значително намален. Маските задолжителни. За публиката, се разбира. Актерите ќе ги почитуваат правилата и протоколите, се вели, па иако нема да носат маски, нема да се допираат и ќе водат сметка да бидат на соодветно безбедно растојание. Инаку, занимливост на претставата која е крими-драма (нормално, Агата Кристи) е што гледачите на крајот се замолуваат, кога ќе излезат, да не откриваат кој е убиецот за да не им го расипат уживањето на новите посетители. Да нема „спојлери“. Тоа е, велат, тајната на долговечноста на овој 68-годишен феномен.

Годината и онака ни пролета без да ја почувствуваме, се тешам, спомнувајќи си на оваа и на другите претстави од лондонската театарска сцена, како извонредна забава, едукација, уживање, бегство од реалноста. Обожавам трилери, меѓу другото, а „Стапица за глувци“ ја  имам гледано неколкупати, со семејство, пријатели&познати и еднаш на нервна база. До годината ли ќе, до нервната база ли ќе е, ама можете да се обложите каде ќе бидам таму на 23 октомври вечерта. Мора да видам како ќе изгледа сето тоа со протоколи и кодови и растојанија. Башка, имаме роденден. Не, не е ништо патриотски. Приватно е. Плус, да се потсетам на убавите времиња. И на тоа,  кој беше убиецот.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот