Театарски осврт кон „Работи за кои не зборуваме“ во МНТ: Анонимно олеснување на душата

Во претставата играат актер(к)ите Драгана Костадиновска, Ивана Павлаковиќ, Сара Климоска, Никола Настоски и Исмет Шабановиќ / Фотографија: Кире Галевски

Режисерката Нела Витошевиќ на малата сцена во Македонскиот народен театар ја постави претставата „Работи за кои не зборуваме“, која со темите што ги отвора, го привлече вниманието на театарската јавност. Премиерната изведба се одржа на 16 октомври.

Насловот на претставата „Работи за кои не зборуваме“ најдиректно посочува за целта на нејзиното поставување на театарската сцена. Без однапред определен драмски текст, но со јасна намера во создавањето на содржинското ткиво, режисерката Нела Витошевиќ храбро се одлучила да нурне во длабочината на некои општопознати работи, но на сцената да ги соопшти преку анонимни сведоштва за трауматични искуства на луѓе кои се затскриени со бројки.

Исклучок се сведоштвата на петте актери на сцената, кои во форма на стенд-ап зборуваат за своите лични искуства. Во драматургијата за претставата Витошевиќ соработува со Викторија Рангелова-Петровска. На некој начин, станува збор за продолжување на соработка која се случи и за претставата „Мојот маж“, поставена во Драмскиот театар, со таа разлика што таму имаше однапред одбран текст (раскази од Румена Бужаровска од нејзината истоимена збирка) во кој беа вметнувани лични искуства на актерите што играат во таа претстава.

Во фокусот на „Работи за кои не зборуваме“ се деликатни теми, моменти на психичко, физичко или сексуално насилство, погрешно толкување некои „народни адети и обичаи“, разглобување брачни, родови и религиозни теми. На трагикомичен начин претставата прави критика на балканското патријархално милје, но истовремено провоцира и разговор за промена во општеството. Селектираните сведоштва делуваат освестувачки и отрезнувачки, бидејќи меѓу нив има и такви направени под дејство на алкохол.

Во претставата играат актер(к)ите Драгана Костадиновска, Ивана Павлаковиќ, Сара Климоска, Никола Настоски и Исмет Шабановиќ. Сите веќе играле во претходни претстави на Витошевиќ и очигледно е дека одлично го совладале режисерскиот концепт. Иако станува збор за колективна игра, личните и анонимните сведоштва мошне природно и лесно се надоврзуваат едно на друго. На моменти со стенд-ап ефектот е нагласен личниот афект при некое лошо искуство од минатото, за веднаш потоа да бидат драматизирани емотивните шокови што ги доживеала некоја од анонимните личности.

Дејството тече лесно, но зборовите што ги слушате создаваат тежина во душата. Особено кога ќе дознаете дека некоја од личностите не смеејќи јавно да проговори за својата мака, бидејќи веднаш ќе биде жигосана од општеството, одлучува анонимно да си олесни на душата, бидејќи „на Балканот природните работи ги налага човекот, а не природата“.

Во претставата со истенчено чувство се користи и музика по избор на режисерката, како и сонгови што се изведуваат на сцената, а во функција на драмското дејство. Сценографското решение за претставата на Васил Христов – Вуси е базирано на исечоци од весници кои се ставени на тапет, односно на увид на јавноста со намера да не ги затвора очите пред очигледните нешта, а елегантните костими за актерите, но и за многубројните анонимни ликови ги изработи Роза Трајческа-Ристовска.

Крајот на претставата повикува на дејство за расплетување на тајните во патријархалните односи во општеството и за создавање ангелски, а не мрачен, мачен и тегобен свет.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 102, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 23-24 октомври 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот