Театарски осврт кон претставата „Птица со главата меѓу нозе“ во Драмски театар: Минатото е оттргнато наназад, а иднината никако да дојде

Претставата „Птица со главата меѓу нозе“ е поставена со намера да ги избалансира односите помеѓу различните генерации / Фотографија: Драмски театар / Филип Кондовски

Најновата претстава на Драмскиот театар во Скопје со наслов „Птица со главата меѓу нозе“, чиј автор и режисер е Коле Ангеловски, содржи елементи што ќе го привлечат вниманието и на помладата и на повозрасната театарска публика.

Жанровски определена како „чудна комедија со среќен крај“ претставата „Птица со главата меѓу нозе“ веднаш ќе го привлече вниманието со својот наслов. Бидејќи режисерот на претставата Коле Ангеловски е и автор на текстот, дефинирањето на насловот доаѓа многу брзо во претставата, но откривањето на неговата симболика ќе ве држи во неизвесност до крајот на драмското дејство.

Текстот главно балансира помеѓу некогаш и сега. Некогаш се однесува на сеќавања, многу веројатно автобиографски, на самиот автор. Сега прави компарација со времето на Југославија и времето потоа. На таа линија е направен и кастингот за претставата. Од едната страна се помлади актери, како Стефан Вујисиќ во улогата на младиот доктор Климент, кој со нетрпение ја чека својата девојка да дојде од Европа и прави сѐ што може тој пречек да биде величествен, додека на другата страна се театарски ветерани, како Благој Чоревски, Ѓокица Лукаревски и Атанас Тановски, кои ги живееле случувањата што се опишани во текстот и не им е баш јасно што се намерите на Климент. Во тој правец се случуваат сите конфликти во драмското дејство. Постарите генерации со видна возбуда се сеќаваат на нешта кои се случувале пред триесет години, додека младите инсистираат на отворање на нови хоризонти. Но над сите нив, со текот на дејството сѐ повидливо, се спушта еден огромен октопод.

Актерската игра во претставата е лесна и природна. Дури за ветераните што ги спомнавме погоре нема поприродна работа од животот во некогашната Југославија. Кај помладите, пак, се чувствува желбата за излез од изолацијата на сеќавањата и соочувањето со реалноста. Но, во реалноста има и пандемија, која на вратата се појавува во скафандер, и економска криза и вечна транзиција. Минатото е оттргнато наназад, а иднината никако да дојде, а попатно се случува и страшно невреме кое е причина да снема струја и сигнал на мобилните телефони.

„Птицата е симбол на слобода. Може да лета каде сака. За неа не постојат граници, не постојат ограничувања. Но, ако главата ѝ е меѓу нозе, таа ќе лета, ама ниско“, стои во најавата за претставата. Тоа значи дека птицата постојано ќе наидува на препреки. Во претставата е даден одговор како тие препреки да се надминат, но веројатно секој гледач ќе треба сам за себе да го открие.

Покрај театарските ветерани и младиот Вујисиќ, со прецизно дефинирани актерски креации во претставата играат и Марија Кондовска, како сексапилната актерка Иконија, Маја Вељковиќ Пановска, како строгата газдарица на старата македонска куќа, и Калина Наумовска, како жената Косара во работнички комбинезон. Некако најмали улоги имаат младите актери Благица Димитровска, која ја игра девојката од Европа, и Симон Манасковски со ликовите во скафандер. Може и тука да има симболика, бидејќи се чини дека уште сме далеку од Европа, а на пандемијата не сакаме ниту да помислиме дека постои.

Визуелно и сценографски претставата е одлично дизајнирана. Сценографката Илина Ангеловска внимавала на многу детали за да го долови амбиентот на стара градска македонска куќа во која се случува целото дејство. Костимографот Раде Василев креирал цел сет костими за поблиску да го долови карактерот на ликовите. Со музиката на Кокан Димушевски некои сцени добиваат филмски амбиент.

Претставата тече лесно, брзо и разбирливо. Генерацискиот јаз отсекогаш постоел, а „Птица со главата меѓу нозе“ е поставена со намера да ги избалансира односите помеѓу различните генерации.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 105, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 13-14 ноември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот