Театарски осврт: Човекот е резултат на своите желби и страсти

Осврт кон претставата „Животот е прекрасен“, базирана на модерно толкување на „Божиќна приказна“ од Чарлс Дикенс според расказот на Филип Ван Дорен и концептот на Џо Лендри, во адаптација и режија на Бојан Трифуновски, а во продукција на НУЦК „Ацо Шопов“ – Штип.

Само човекот од сите други живи биолошки единки е свесен за умирањето. Свесен е, а сепак живее како никогаш да нема да се случи. Тоа го тврди Карл Јасперс, но, може и секој од нас. Секој разумен човек знае што значи раѓање, а што значи смрт. Односно, секој човек се надева. Велат надежта кај човекот последна умира. Кај другите биолошки единки ни не постои. Кучињата, на пример, се плашат за животот на својот стопан, но сигурно немаат надеж дека тој вечно ќе живее. Умирањето на стопанот не го сфаќаат како судбина, туку како нешто што прави да бидат раздразнети.

Во делото „Митот за Сизиф“, во поглавјето „Апсурд и расудување“, Ками ќе напише: „Многу е лесно да бидеш логичен. Но, скоро е невозможно да бидеш логичен до крај“. Логично е човекот да верува дека има минато и дека има иднина. Логично е да сака да сонува и неговите соништа да му се остварат. Логично е да сака да живее и после смртта. Зашто, како што рекол Шопенхауер, животот е богата трпеза. Логично е да сакаш, да мислиш дека ништо нема да те отстрани од таквата трпеза. Логично е да мислиш дека трпезата со истата содржина ќе постои и после смртта.

Прашањето најдобро го поставува Ками – дали логичкото размислување ќе трае до крајот на животот на човекот? Човекот е резултат на своите желби и страсти. Некогаш страстите ќе го надвладеат разумот и тогаш логичното размислување престанува, или, ако сакате, ќе биде под управа на поматениот разум. Има многу примери што можат да се извлечат и од книжевниот и од стварниот живот. Еве да речеме, актерот живее преку ликовите што ги игра на сцената. Колку повеќе ликови игра, толку повеќе животи има. Но, ако сака тоа да го прави и надвор од сцената, тогаш ќе се соочи со нешто што ќе го попречува неговото логично живеење. Односно ќе стане жртва на неразумни дејанија што многу лесно ќе го избришат од реалниот свет.

Сцена од претставата „Животот е прекрасен“ во адаптација и режија на Бојан Трифуновски, а во продукција на НУЦК „Ацо Шопов“ – Штип / Фотографија Ефремов

Во претставата „Животот е прекрасен“, во која суицидот е основна тема, доста експлицитно се зборува за тоа до каде може човекот (поданик на емоциите и стравот) да опстои во логичното размислување. Џорџ Бејли, главниот лик во претставата, е достоинствен човек зашто, како што би рекол Кант, не се чувствува како предмет, туку како цел. Мисли дека достоинствено, човечки, треба да постапи откако ќе ја изгуби сета верба во животот, откако ќе се соочи со прашањето – зошто да живее?

Од бесилката го спасува ангелот Мајкл, кој е (според древните толкувања) прозрачен, без тајни и со добри намери не само кон другите, туку и кон себе. Спуштајќи го од бесилката на земјата, го учи, или го потсетува дека животот на човекот не му е даден како поклон, туку како нешто за кое треба да се бори. Преку сценариото што го наметнува како загуба на вистинското – пригодно за Новогодишна програма, им ги открива на сведоците на суицидот принадлежностите што човекот може да ги ползува ако до крајот размислува логички.

Режисерот Бојан Трифуновски ја открива приказната преку прецизни и точни сценски решенија. Ја вади од патетичните моменти и низ духовита, комична игра ја облагородува со чуен и лесно разбирлив тон. Во неговите режисерски манири, проектирани преку сценските решенија, препознаваме режисер, не само технички зналец, туку и ерудит кој има јасна претстава за сценската уметност и нејзината контемплативност во перцепцијата на животната реалност.

Од актерскиот ансамбл би го издвоил Ефтим Трајчов како ангелот Мајкл, кој со гласовните партитури и сценските движења, односно со сценската присутност, ја открива прозрачноста на ангелот-чувар, структуиран од добри намери. Милорад Ангелов како Џорџ Бејли, исто така, плени во изборот на средствата со кои ја проектира духовната состојба на човекот на крајот на логичкото размислување.

Успешни ролји остварија и надежите на штипската театарска сцена, Ава Хусеини и Стефанија Митовска. Сценографијата, и со предниот и со задниот дел – перспективата, е целосно во функција на сценскиот агон. Музиката како нежна реч, влегува во ушите на гледачите секогаш расположени за звуците на небесните инструменти.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 106, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 20-21 ноември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот