Театарски белешки со втиснати размисли, слики и емоции за театарската вистина на Владо Цветановски

На Летната сцена на Факултетот за драмски уметности – Скопје, на 27 јуни се одржа промоцијата на книгата „Театарски белешки“ на режисерот и професор Владо Цветановски, а почит кон неговото дело изразија професори на ФДУ, актери, режисери и студенти од повеќе генерации.

Книгата „Театарски белешки“, која е во издание на ФДУ, ја приредија Јелена Цветановска и Андреј Цветановски, а дизајнот е на Сергеј Светозарев. Театарските белешки се обемен избор на ракописи од Дневникот на Владо Цветановски, во кој се втиснати неговите размисли, слики и емоции кои го пресретнувале во потрагата по театарската вистина. Тие овозможуваат продлабочен увид во дел од богатиот творечки опус на Владо Цветановски и неговите истражувања на театарскиот јазик.

Во таа смисла, книгата е значајна и за проучувања на македонската театрологија, како и за историјата на македонскиот театар. Едновремено, белешките, навлегувајќи во сите фази од создавањето на театарската претстава, претставуваат и своевиден патоказ за студентите по театарска уметност, кој може да им биде од полза во процесот на подготвување за нивните професии во областа на театарот.

– Јелена Сергеевна му ветила на Михаил Булгаков, на неговата смртна постела, дека ќе го објави романот „Мајсторот и Маргарита“ и успеала во тоа. Јас ништо не му ветив на Владо, но си ветив себеси дека, заедно со нашите синови, ќе ги соберам неговите театарски белешки со цел да ја здогледаат светлината на денот. Во нив се втиснати размисли, емоции и слики кои го пресретнувале Владо во неговата потрага по театарската вистина – истакнува приредувачката на книгата, Јелена Цветановска.

Книгата ја промовираа проф. Мими Таневска-Србиновска, декан на ФДУ, и Јелена Цветановска, а беше прочитан и текстот на ликовниот уметник и сценограф, Владо Ѓорески-Рафик.

Во текстот со наслов „Радоста на создавањето“, објавен како предговор на книгата проф. Мими Таневска-Србиновска, меѓу другото, пишува: „Ова е ретка и можеби единствена книга од ваков тип која дава увид во размислувањата, одлуките, идеите и во разработките на еден режисер во неговата театарска практика. Нејзината содржина ни овозможува да влеземе во еден режисерски светоглед. Во таа смисла, книгата е значаен материјал за идни театролошки истражувања и анализи, бидејќи Владо Цветановски беше режисер со специфичен пристап, со префинета сензибилност, со свој, автентичен режисерски ракопис. Неговата режија беше поетски инспирирана. Тој беше сериозно посветен на истражувањето на театарскиот јазик“.

Владо Цветановски (Слоештица, демирхисарско, 1959 – Скопје, 2012) како театарски режисер постави педесетина претстави во Македонија и во странство, а во меморијата на театарската историја највпечатливи се насловите „Југословенска антитеза“, „Хамлет“, „Евангелие по сенките“, „Мајсторот и Маргарита“, „Полковникот Птица“, „Подземна република“. Негов соработник на многу претстави беше сценографот Владо Ѓорески-Рафик.

– Книгата „Театарски белешки“ не само што е подвиг, посвета, посветеност, оддаденост, припадност, вечно живеење, расветлување, доближување, бележење на сите знаци покрај патот, забележани и напишани од самиот Владо Цветановски, кој, патем, имаше исклучителна литературна дарба, како и беспрекорно познавање на ликовната уметност воопшто, туку појавувањето на ова писание претставува своевиден бескраен меланж кој постојано повикува на нашето вистинско живеење, надеж, верба, вознесение, на нашето пробудување, на нашата БУДНОСТ, која ќе нѐ одведе до оние пространства каде што нашето оловно движење ќе биде заменето со лебдечкото патување кон просторите кои толку нежно, ненаметливо, просветлено, чисто, искрено, чесно ги градеше за нас – напиша Рафик во поговорот со наслов „Ракописите не горат“.

На промоцијата, извадоци од книгата читаше актерот Дамјан Цветановски, а беше прикажан и документарниот филм за Владо Цветановски направен со актерите на Битолскиот народен театар, во режија на Андреј Цветановски.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 135, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 2-3 јули 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот