Театарската претстава „Емигранти“ се вдоми во Драмски театар

Новата в.д. директорка на Драмски театар – Скопје Маја Вељковиќ Пановска, на својата прва прес-конференција извести дека претставата „Емигранти“, премиерно изведена како независна театарска продукција, своите понатамошни изведби ќе ги има како дел од репертоарот на сцената на Драмски театар.
Претставата „Емигранти“ својата премиерна изведба ја имаше на 29 декември 2022 година во амбиентот на Културно-социјалниот простор „Центар-Јадро“ во Скопје. Поставена на текстот на славниот полски драматург и сатиричар Славомир Мрожек и во режија на Зоја Бузалковска во претставата играат актерите Дамјан Цветановски и Григор Јовановски. На сценскиот дизајн за претставата работеше актерот Мартин Манев, додека продукцијата како и дизајнот на плакатот и на програмата беа на Павле Игновски.
По премиерата, претставата краток период се всели во Младинскиот културен центар, а по одлуката на Уметничкиот совет на Драмски театар да ја преземе под своја закрила, од премиерната изведба на 18 март понатаму „Емигранти“ ќе се изведува на малата сцена во Драмски театар.
На прес-конференција што се одржа во Драмски театар на 15 март, покрај в.д. директорката Маја Вељковиќ Пановска, присуствуваа режисерката Зоја Бузалковска, актерите Дамјан Цветановски и Григор Јовановски, како и дизајнерот на светло Мартин Манев.
Режисерката Бузалковска објасни дека со големо задоволство ја прифатила поканата од актерите Цветановски и Јовановски со нив да ја постави претставата „Емигранти“, бидејќи од своите студентски денови се сеќава на една фантастична изведба на текстот на Мрожек со актерите Сенко Велинов и Ѓорѓи Јолевски во режија на Владо Цветановски. Премиерата на таа претстава била во 1992 година.
За поставување на новата претстава „Емигранти“, двајцата актери аплицирале во Министерството за култура и со Годишната програма за 2022 година добиле вкупно 2.200 евра. „Независна сцена – ќар до гуша“, иронично забележа Бузалковска, бидејќи со тие средства требало да се подготви претставата и да се исплатат сите обврски врз основа на сценографија, костимографија, сценски и графички дизајн и авторски хонорари за пет луѓе, од кои тројца се со статус невработени. Сепак, за претставата да успее да се одржи морало некаде да се вдоми, а среќна околност за екипата е што Драмски театар ќе им овозможи опстанок на својата сцена.
– Со работата во независна продукција не можеш да имаш никаков ќар, освен задоволството во тоа што го правиш. Практично си во секаква друга загуба, освен во уживањето, бидејќи никој не ти „виси“ над главата и не ти кажува што може, а што не може да се направи – рече Бузалковска.
Работата на претставата ја прифатила и поради актуелноста на темата, бидејќи секој трет размислува за мигрирање некаде надвор од државата. Целиот процес го согледува како извонредна провокација за еден веќе искусен режисер и двајца бескрајно надарени млади актери во креација на брутално реалистична приказна, која би можела да биде и нејзина и нивна, истовремено.
Пикнати во една импровизирана соба во сутеренот на една зграда во голем европски град, двајцата емигранти АА, интелектуалец со политичка предисторија, и ХХ, простодушен човек од село, физички работник, се скриле од светот, заринкани во сопствените стравови, комплекси, наталожени сеќавања, проекции за самите себеси и претпоставки за себе како туѓи проекции, очекувања што не смеат да ги изневерат. Во целина, претставата „Емигранти“ е пресек на едно општество во распад, општество на изгубени души.
Актерот Дамјан Цветановски на прес-конференцијата изрази надеж дека по „вдомувањето“ во Драмски театар, претставата ќе успее да се одржи повеќе години на сцена.
Неговиот партнер во претставата Григор Јовановски рече дека е голема чест и задоволство да се работи со големи посветеници на театарот, кои безрезервно се жртвуваат за да направат добра претстава, додека во однос на темата посочи дека, за жал, е многу актуелна во нашето општество, а голем број млади луѓе, речиси, секојдневно си заминуваат одовде.
– За жал, Македонија станува држава на старци и на некомпетентни луѓе, но на нас како млади она што ни останува е да се бориме за средината, да ја менуваме колку што можеме на подобро, а театарот е нашиот начин, тоа е она што ние знаеме да го работиме и затоа ја поставивме „Емигранти“ – рече Григор Јовановски.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 171, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 18-19.3.2023)