Театарска сезона со мото „Да се почне одново“ во Велешкиот театар

Насловот на сезоната „Да се почне одново“ на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ во Велес произлегува од театролошкиот проект што театарот ќе го реализира во соработка со шест национални театри, исто толку независни субјекти од културата, четири реномирани театарски фестивали и издавачката куќа „Арс ламина“. Целта на проектот, чиј глодур е проф. д-р Јелена Лужина заедно со експертски тим од неколкумина домашни и меѓународни театролози, е да истражи која е и каква е потребата од промена на македонскиот театар во потрагата по неговиот автентичен модел низ европските стандарди.

Покрај театролошкиот проект, во рамките на концептот за сезоната 2021 ќе бидат реализирани и четири театарски продукции. Сезоната ќе ја отвори премиерата на театарската претстава „Четири соби“ во адаптација и режија на Синиша Евтимов, предвидена за средината на април. Втората продукција, танц-театарска претстава чија премиера е планирана за јуни, е „Петтото годишно време“ од Сашо Димоски, во режија на Васил Зафирчев. Третата театарска претстава е „Орестија“ од Есхил, чии четири делови ќе ги режираат Александар Ивановски, Ненад Витанов, Софија Ристевска Петрушева и Деан Дамјановски, во соработка со кореографите Олга Панго и Саша Евтимова од Националната Опера и Балет, како копродуцент на претставата. Со премиерната изведба на оваа претстава во јули ќе биде отворен Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“. И четвртата продукција од програмата за работа е театарската инсталација „Квартет“ од Хајнер Милер, во режија на Деан Дамјановски, која премиерно ќе биде изведена во втората половина на сезоната.

Театарот ќе го реализира и годинешното издание на ИФАД „Стоби“, а во соработка со авторските екипи на театарските продукции и други гости уметници, во театарот ќе се одржат и работилници наменети за студенти и професионалци од сценско-изведувачките уметности, како и неколку трибини и панел-дискусии, известија од Народен театар „ЈХК-Џинот“, Велес.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 73, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 20-21 март 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот