Театарска рецензија: „Херои 04:33“ – Парабола за стравот и за храброста

Претставата „Херои 04:33“, поставена по текст и драматургија на Сашо Димоски во режија на Деан Дамјановски, премиерно беше изведена на 45. Млад отворен театар во 2020 година, а тука ја објавуваме рецензијата на театрологот Јелена Лужина.

– Согласно со жанровската каноника, параболата треба да е – приказна: директна, навидум едноставна, лесно запамeтлива фикционална сторија од „мал формат“ која „дејствува“, така што секоја од сопствените наративни секвенци (мотиви, епизоди, сцени…) перманентно ги споредува/спротивставува со некои други, навидум сосема различни, ама секогаш „поучителни“. Мудри и, оттука, вечни. Жонглирајќи, успешно, со сопствените тези/антитези кои молскавично се изменуваат, секоја добра/успешна парабола автоматски ги „наметнува“ метафоричните, ама и апсолутно јасни конклузии кои априорно се усвојуваат и се паметат „за потаму“. За цел живот. Прочуени се евангелиските параболи преку кои Христос им проповедал не само на следбениците туку – сосема неслучајно – и на опонентите од секоја фелa. Дури и најзакоравените неверници наизуст ја знаат прочуената парабола за зрното како ентелехија на Кралството Божје: човек го фрла во земја, а тоа почнува да тлее, да ’рти и да расте, дење и ноќе, не се знае како; сама од себе, земјата создава плод: најпрвин стапката, потоа класот, најпосле и плипот зрна во него. (…) И штом плодот ќе дозволи, човек се фаќа за српот и жнее…

Денес, пак неслучајно, совршената каноника на параболата (кратка и јасна дискурзивна форма, поентирана со задолжителна „морална поука“) безочно ја первертираат и ја (зло)употребуваат сите кои живеат од пусто праќање пораки. Реторички пораки. Навидум звучни, ама испразнети од што-годе сериозни значења. Нашето нејуначко (коронарно!) време успеало – меѓу другото – совршената каноника на параболата да ја первертира во тривијален спотовски формат кој, ете, нѐ тормози на секој чекор, ни го потценува добриот вкус, ни ја навредува интелигенцијата и коронарно нѐ исплашува со фарисејски пиаровски досетки: Мисли на другите, вакцинирај се! Каде, добога, да се вакцинираме? Со што? И како, воопшто, успеавме планетарно да заглавиме во оваа катаклизма од која ниту излезот се гледа ниту се верува во надежта?

Токму ваквите параболични прашања ги отвора и ги наметнува претставата „Херои 04.33“ – единствената македонска театарска продукција која остро му се спротивставува со мигот во кој живееме и решително полемизира со своето време и со сето она што вообичаено се нарекува контекст. Докажувајќи, притоа, дека уметноста – кога е автентична – навистина умее да се здобие со правото и со моќта не само да го крене гласот, туку и да се престори во последна линија на самоодбрана на здравиот разум, на хуманитетот како таков… Оваа ретко интелигентна, хиперактуелна и беспрекорно конструирана та реализирана театарска парабола станува моќна перформанса, која жанровски е дефинирана како „инсталација за еден гледач“. Без и еден случаен детаљ или импровизација, без и еден изговорен збор, со само тројца актери „распоредени“ во три кревко детерминирани простори/„кутии“ што накратко и принудно ги делат со само еден реципиент, овој нестандарден и речиси неиздржливо опресивен театарски чин функционира на неколку рамништа.

Едното е бројката затефтерена во насловот, ама и вградена во структурата – 4.33. Таа фатумска бројка најпрвин ја препознаваме/декодираме како „посвета“ на легендарниот Џон Кејџ (John Cage) и неговата „безгласна“ пијано-партитура во три става (изведена во 1952 г.), една антологиска шлаканица на епохата која, инаку, дрдореше до бесвест и се дуеше од сопствената поствоена успешност без брегови. На таа божем-успешност Кејџ бескомпромисно ѝ одвети со 4.33 минути молк: апсолутна и громогласна тишина. Дека „посветата“ не е позерска или формална покажуваат (уште како!) сите три секвенци на театарската парабола „Херои 4.33“: секоја трае точно четири минути и триесет и три секунди и целосно е исполнета со молкот. Како и оној на Кејџ, и овој оловно тежок молк пука од имплицитни значења „покажани“ – дури и буквално/болно испишани! – врз голата кожа на еден од протагонистите (Васил Зафирчев). Параболична е (без остаток!) и редундантната, ретко прецизна игра на сите тројца актери (Зафирчев, Кети Борисовска, Исидор Јовановски), автентични херои кои супериорно ја демонстрираат и ја глорификуваат „храброста на уметникот кој ја изведува и ја прави претставата“. Обидувајќи се симболички да го спаси светот, макар и за само еден единствен гледач. Тој гледач, и самиот исплашен (поединец), ама сепак истопорен пред сите можни закани, видливи и невидливи, избирајќи да ѝ се приклучи на прометејската побуна на уметниците и да влезе во „играта“, автоматски ја добива можноста/ шансата/ привилегијата активно да му се спротивстави не само на Поредокот, туку и на сопствениот страв. Избирајќи да ризикува, секој од гледачите на оваа еклатантно ребелијанска инсталација параболично ја освојува и ја потврдува сопствената слобода. Макар и само на 4.33 минути!

Авторската екипа зад инсталацијата е следна: автор на текст и драматург е Сашо Димоски, режијата е на Деан Дамјановски, музичката драматургија е на Сашко Костов, сценографијата и дизајнот на рекламниот материјал се на Филип Коруновски, костимографијата на Елена Вангеловска, а видеодизајнот го потпишува Данчо Стефков. Во инсталацијата учествуваат актерите Васил Зафирчев, Исидор Јовановски и Кети Борисовска – напиша Јелена Лужина.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 75, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 3-4 април 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот