Театарска работилница: „Конфликт!“ со Иван Поповски

Мајсторска работилница за театарски актери и режисери со наслов „Конфликт!“, водена од Иван Поповски, од 2 до 5 декември се одржа преку платформата Зум. Работилницата е дел од програмата „Мајсторски работилници за актери и режисери 2“ организирана од „Театар на навигаторот Цветко“ и проект-просторот „Кино Култура“, а проектот е поддржан од Општина Центар, Град Скопје и Министерството за култура. Станува збор за ретка можност младите режисери и студенти да работат и учат заедно со Иван Поповски, македонски театарски режисер со руска „школа“, кој живее и работи во Москва повеќе од две децении.

Иван Поповски беше примен на театарска режија на Државниот институт за театарска уметност (ГИТИС) во 1988 година, а дипломираше во 1993 година, во класата на познатиот руски режисер Пјотр Наумович Фоменко. Подоцна Поповски стана еден од основачите на театарот „Мастерскаја П. Н. Фоменко“, каде постави повеќе претстави, а работел и во голем број театри во Русија, но и низ целиот свет, од Омск до Њујорк. Добитник е на најзначајните руски театарски награди.

Во Македонија Поповски досега ги има поставено претставите: „Macedoine: Одисеја 2001“ (2001), копродукција на Драмски театар, МНТ, Народен театар од Битола, фестивалите „Охридско лето“ и МОТ, со чија премиера на 12.07.2001 година беше отворен реставрираниот Антички театар во Охрид; „Дневникот на лудиот“ од Н.В. Гогољ (2001), независен проект на продукцијата на Бајруш Мјаку; и „Мајсторот и Маргарита“ од М. Булгаков (2015) во Македонски народен театар во Скопје.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 59, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 5-6 декември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот