„Театарска работилница – Прилеп“ објави „Антологија на македонските слемер(к)и“

Неодамна од печат излезе првата и единствена книга од ваков тип, „Антологија на македонската слем-поезија“, во која се поместени најдобрите слем-песни од најактуелните и најактивните слем-поети и слем-поетеси, како и слемер(к)ите со најголеми достигнувања за македонскиот слем во земјата и во странство.

Застапени се десет автор(к)и: Цвета Колева, Перо Сарџоски, Марија Грубор, Лиле Јовановска, Исток Улчар, Игор Трпчески – Трпче, Елена Пренџова, Горазд Китановски – Кени, Афродита Николова и Аница Блажевска.

Главен организатор на Националниот слем-натпревар, што секоја година се одржува на 10 или 11 октомври во Прилеп, е Игор Трпче, кој е неколкукратен национален претставник на Европското слем-првенство; Колева и Сарџоски се дел од Поетри слем-тимот од самите почетоци на слемот во Македонија; Грубор е националната претставничка на Европското слем-првенство за 2018 година, а Пренџова за 2016 година, но и соорганизаторка и слем-едукаторка; Горазд Кени е националниот победник за оваа 2021 година, Николова е активна на европската слем-сцена и научно го истражува слемот, а Јовановска, Улчар и Блажевска беа мошне активни на раните слем-настани.

Антологијата е двојазична, на македонски и на англиски јазик. Препевите на англиски јазик се на Сандра Авросиевска, Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, Сарџоски и Пренџова. Уредничка на „Антологија на македонската слем-поезија“ е Елена Пренџова, дизајнот на корицата е на Владимир Лукаш, а издавач „Театарска работилница – Прилеп“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 106, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 20-21 ноември 2021)

Видео на денот