Театарска премиера во ТДМ: „Што е силеџија?“ е претстава што се гледа во еден здив

Театарот за деца и младинци на својата младинска сцена (14+) премиерно ја изведе претставата „Што е силеџија?“ според текст чии автори се Горјан Милошевски и Хана Миленковска, а во режија на Хана Миленковска.

Младата генерација актери и соработници на Театарот за деца и младинци на свои плеќи ја понесе одговорноста во реализацијата на новата претстава „Што е силеџија?“, поставена на младинската сцена. Со ангажиран текст и повеќеслојна драматургија, актерите Никола Наковски, Петар Стојанов, Мики Анчевски, Матеа Јанковска и Ангела Димитрова раскажуваат приказна со прецизна нарација и кристално изградени ликови.

Текстот на Горјан Милошевски и режијата на Хана Миленковска во прв план ги опфаќа проблемите поврзани со врсничкото насилство, поточно силеџиството во едно средно училиште. На втор план, всушност, подлабоко вграден во самата драмска содржина, се прикажува проблемот на силеџиството во општеството, како и на гневот што го носиме во себе кој предизвикува друг гнев.

Приказната се врти околу еден инцидент во кој учествуваат пет средношколци: Васил, Стефан, Марија, Мартин и Луција. Ги гледаме овие млади луѓе, кои носат трауми од своето минато, од детството, кои се заробени во еден синџир на насилници и насилнички методи и корупција. Гледаме како ништо сериозно не се презема во врска со жртвите на насилството, како никој не реагира на гневот, агресијата што се пренесува од еден на друг, од една средина во друга, поради траумите или во име на личните интереси. Ретко кој размислува за долгата алка на односи, трауми, случки и силеџии, не се пристапува на проблемот аналитично и покомплексно. Затоа ги гледаме овие млади луѓе и во нивната апатија, бунило, немоќ да направат нешто за да се прекрши овој синџир. Гледаме ликови, поточно луѓе кои, за жал, се инструменти на насилството кое се пренесува одамна, од година во година, од еден на друг, како модус за опстојување, за доминација, за одбрана.

Јазикот на кој се пренесуваат пораките се на исто ниво со јазикот на кој повеќето средношколци комуницираат меѓусебно. Случките во претставата, сосема можно, се случуваат и во некое од средните училишта во градот. Булингот меѓу младите е тема за која сите зборуваат, но никој не дејствува. Токму тоа е вредноста на оваа претстава, што проблемите ги поставува на маса и инсистира на нивно решавање пред да се случи најстрашното. Претставата се гледа во еден здив. Изборот на музиката е колективен, а кореографијата е на Валентино Апостоловски.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 57, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 21-22 ноември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот