Театарска премиера: „Сирано“ стапнува на сцената во Охрид

Охридскиот народен театар, при НУ Центар за култура „Григор Прличев“, на 13 март премиерно ќе ја изведе претставата „Сирано“, поставена според текст на Душан Ковачевиќ во режија на Ѓорѓи Ризески. Во претставата играат Горан Стојаноски, Никола Тодороски, Ивица Цонев, Филип Кипровски, Павел Маслов, Биљана Билаловиќ Вељаноска и Ѓоко Алоски. Композитор на музиката е Алмир Бајрамоски, аниматор е Африм Шакировски, додека изработката на сценското решение е на Кирил Василев.

„Сирано“ во Народен театар Охрид (Фотографија: Деана Андоновска)

– Треба да се има огромна љубов кон театарот, пред сѐ, за да се работи ваков драмски текст, кој го критикува функционирањето на театарот – сѐ со цел – само за да му помогне. Директно во фаца се пласираат проблемите кои ги имаат театрите во денешницата – и тоа изгледа, на прва топка, верувале или не – толку смешно. Но, дали навистина е така? Проблемите и ситуациите со кои се соочуваат ликовите во драмата не се смешни – тие се, едноставно реални. И така треба да се сфати целата приказна што го прави ова дело чиста антикомедија – антихумор – реално.

Ние, театарските работници ги живееме проблемите од драмскиот текст секојдневно. Нам не ни се воопшто смешни. Можеби само по малку интересни. А на сцената ќе видиме сѐ – ќе видиме театар во внатрешноста, во срцевината, театар зад кулисите, каде што се наоѓа вистината, каде што се наоѓа душата на театарот – моторот што забавено работи. Затоа играме театар во хиперреалистична форма, до степен каде што работите повеќе не се поставени за да бидат смешни, туку реални, до степен да публиката се замисли дали ова што на сцената моментално се случува е вистина или само „глума“, до степен да ги изнесеме проблемите во театарот реално како такви, како што буквално изгледа ситуацијата наша – открива режисерот Ризески.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 72, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 13-14 март 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот