Театарска премиера: Режисерот Владимир Милчин ја постави претставата „Вишновата градина“ во Турскиот театар

Турскиот театар во Скопје на 1 октомври почна со изведбата на претставата „Вишновата градина“ од Антон Павлович Чехов. Во режија на Владимир Милчин во претставата игра голем дел од актерскиот ансамбл на театарот. Сценографијата е на Крсте С. Џидров, кој годинава е добитник на наградата за животно дело на 55. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, додека костимографијата е на Марија Пупучевска. Во својата режисерска експликација со наслов „Чехов наш современик“, Милчин напиша:

– „Вишновата градина“ одново предизвикува со својата актуелност во времињата на општествени турбуленции кога со подемот на новите слоеви, односно класи, драматично се менуваат и сите вредности.

„Вишновата градина“ е објавена во 1903 година, а следната година праизведбата во МХАТ ја режирал Станиславски, кој играл и една од главните улоги. Станиславски ја прочитал како трагедија, а Чехов ја сметал за комедија со елементи на фарса. Сите подоцнежни постановки на „Вишновата градина“ во основа се разликуваат по тоа дали во нив преовладува трагичното или комичното.

Режисерите се справувале со двојната природа на пиесата, најчесто во зависност од тоа кога и каде ја поставувале. Најлошо поминувале оние кои, инсистирајќи на трагичното, западнале во сентименталност.

„Вишновата градина“ е пиеса за залудноста, бескорисноста и јаловоста на аристократијата во напорот да го зачува својот статус, но и пиеса за буржоазијата во напорот да му даде значење на својот новооткриен материјализам сведен на алчност и варварство.

„Вишновата градина“ денес е драма за транзицијата, за неподносливата леснотија на пропаѓањето на човештвото и цивилизацијата. Алчноста на новозбогатените криминалци безмилосно го уништува човештвото уништувајќи ја неговата колевка, Земјата, уништувајќи ја природата и сè што живее во неа. Она што вџасува е немоќта на луѓето да се противстават, да ја одбранат културата и природата, да ги одбранат вредностите на цивилизацијата пред новите варвари.

Прогресот не е гарантиран. Тркалото на историјата стигна до пролетерската револуција, но од неа се изроди новата класа манипулатори чија алчност не знае за граници. „Вишновата градина“ е сценска минијатура во најубавото значење на зборот, во нејзините камерни димензии се содржи трагедијата на светот во кој живееме – напиша Владимир Милчин.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 99, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 2-3 октомври 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот