Театарска премиера: Приказна за оперската дива што живеела во заблуда

Турскиот театар во Скопје на 24 февруари премиерно ја изведе претставата „Славната Флоренс“, работена според текстови на П. Квилтер, Н. Мартин, Џ. Коган, Б. Крајчевска и Д. Милошевска-Попова, а во режија на Драгана Милошевска-Попова.

Театрите низ државата го фатија чекорот со пандемијата и на повеќе сцени се работат или веќе се поставени нови театарски претстави. Во пандемиски услови со ковид-протоколи се поставени претстави во МНТ, Драмски, Битолски, Прилепски, Кумановски театар, Театарот за деца и младинци, а деновиве Турскиот театар во Скопје ја постави својата трета претстава работена во такви услови, по двете поставени во 2020 година. Во претставата „Славната Флоренс“ во режија на Драгана Милошевска-Попова играат Бедија Беговска како Флоренс Фостер Џенкинс, заедно со Џенап Самет, Селпин Керим, Јеткин Сезаир и Ебру Мусли.

– Поборник сум на мислата дека театарот е последното засолниште на живата и непосредна комуникација. Пандемијата ни зададе реален и сериозен удар, но не беше нокаут во прашање. Сепак, станавме и продолживме. Можеби внимателно, со посебно темпо, поразлично од сѐ досега. Не велам дека беше лесно и без грижа, но беше процес кој, секако, ќе го запаметиме сите од екипата. Директорката на Турскиот театар, Несрин Таир, имаше јасна визија каде сака да се движи репертоарската, како и политиката на куќата, беше прецизна во идејата за спојување различни генерации во театарот, размената на искуствата и важноста тоа да се случи во одреден момент – открива режисерката Драгана Милошевска-Попова.

Првите разговори се случиле во 2019 година, кога имало поинаква визија за претставата, но поради сите новонастанати околности се приспособиле на условите.

– Бедија Беговска, секако, е столб на овој проект. Оваа раскошна глумица со големо искуство и широк дијапазон на актерски можности и вокални способности, е во комбинација со Селпин Керим и Џенап Самет, секој на свој начин веќе искусни, докажани и навистина посебни актери, како и со младата Ебру Мусли и Јеткин Сезаир, кои се потполно освежување со посветеноста, талентот и шармот што го носат. Ова е моја четврта соработка со овој театар, а процесот ни беше навистина возбудлив и полн со доверба – истакнува режисерката.

Постер за претставата „Славната Флоренс“ во Турскиот театар во Скопје

Претставата носи навидум лесна приказна, во која веднаш ќе ја засакате госпоѓата Флоренс – жената што живее во заблуда за нејзиното музицирање, или подобро олицетворението на сите оние чиј копнеж за уметноста е спротивен од нивниот реален талент. Симпатично и ненападно таа ги освојува сите што го „градат“ светот околу неа, најважно – публиката која во еден определен момент што од забава, што од емпатија будно ја следи.

– Драмската предлошка на нашата претстава, покрај авторскиот текст, содржи референци и од екранизираната верзија и од драмата, кои се потпираат на биографските моменти на оперската дива Флоренс Фостер Џенкинс и го следат нејзиниот најплоден период во 1944 година во Њујорк. Секако, овде ја раскажуваме нашата приказна која, меѓу другото, е за сите оние што по секоја цена сакаат да ја остварат својата цел, спремни се на сѐ и кои се во ситуација и да поткупат. Но, ова е приказна и за сите оние што си дозволуваат да бидат поткупени – открива драматургот Билјана Крајчевска.

Вистинската Флоренс успеала да ги оствари своите желби да пее во „Метрополитен“ и во „Карнеги хол“, убедена во својот „ангелски глас“. Претставата отвора низа прашања за критиката на културната елита, за незаинтересираното општество, за причините за нечиј „општествен успех“, но и што воопшто значи успех во денешно време, кој одлучува дека некој е успешен, а некој не и колку сето тоа е релевантно. Претставата повикува секој да размисли за самиот себе до која мера може да молчи и до која мера ќе си дозволи да проговори за „успесите“ на антиталентите во културната елита.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 70, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 27-28 февруари 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот